Смртта на Јордан Мијалков мораше да стане тајна, за да можат „мијалковистите“ да продаваат магла

by fokus 14:02
14:02

 

fokusova-arhiva

Текстот е објавен на 28 јануари 2011 година во неделникот „Фокус“

Пишувал: Жарко ЈОРДАНОСКИ

- Advertisements -

Хероите, како и боксерите, треба да знаат на време да си заминат. Затоа што, во спротивно, нивната слава гарантирано бледнее и исчезнува. Ако шампионот се пензионира на време, тогаш тој останува шампион за сите времиња. Ако херојот замине прерано, и по можност со херојска смрт – патува во легендите. Крајот делото го краси!

Замислете, Јордан Мијалков да си продолжеше со својот политички живот, во ВМРО-ДПМНЕ или надвор од него, на разни пратенички, министерски или директорски функции, да си отвораше и затвораше фирмички, па да го клеветеа за разни тендерчиња, да му броеја станови по Скопје, Штип или Прага, а, згора на се, законот за лустрација да му висеше над глава? Што ќе останеше од неговиот придонес за татковината, од неговата величина, така помно исцртана во неговата биографија? Од каде неговите наследници ќе црпеа легитимно ем морално право да загосподарат со спомнатиот “олтар” на татковината, а претходно на партијата, и понекогаш, скраја било, да штрбнат по нешто од она што на секој олтар, нели, се остава?

Судбината сакала Јордан Мијалков да си замине пред време, а на неговите потомци, верни пријатели, заклучно со неговиот биограф Христо Ристовски, им останала “само” задачата неговата смрт максимално да ја “хероизираат” или барем да ја мистифицираат. Книгата “Јордан Мијалков и неговото време” е “херојски” напор во тој правец!

НЕЗАВРШЕНИ ДРЖАВНИЧКИ ОБВРСКИ

Јордан Мијалков, покој му на душата, загинал во сообраќајна несреќа. Дента на 19 декември 1991 година стигнал на седница на Владата исцрпен и блед по неколкунеделното лежење во скопската Државна болница, на одделот за абдоменална хирургија. По многуте секирации, што му ги задала опозицијата, со барањето да биде сменет од функција, му пукнал чирот на желудникот, а неговата сестра Наде била многу исплашена зашто од истата болештина Јордан се лекувал и во Прага.

Неговиот пријател, лекарот Јордан Никодиновски сведочи дека Мијалков бил прилично исплашен, а по малку и суеверен:

“Татко ми умре на 59 години, а и јас сега полнам 59 години”, му рекол Јордан на својот лекар и имењак, токму откако на 11 декември во неговата болничка соба скромно го прославиле неговиот роденден.

После неколку дена, Мијалков решил да си замине од болницата поради важните државнички обврски.: “Морам да одам до Владата за да видам што се случува и зошто сакаат да ме сменат”- му рекол на својот лекар, кој залудно го убедувал дека крвната слика му е слаба и дека треба уште некој ден да полежи. Како што знаеме, опозициската СДСМ поднела барање за Јордан да биде разрешен од функцијата, поради повеќе самоволија и закани, меѓу другото и затоа што на претседателот на Собранието Стојан Андов му извадил автомат во неговата канцеларија, заканувајќи му се дека ќе го уапси!

Дента на владината седница уште рано-рано, Јордан добил повик од сојузниот министер за внатрешни работи, Петар Грачанин, истиот тој што му бил гостин во неговата родна куќа во Штип. Барал Јордан да замине во Белград, на средба на која требало да учествуваат и началникот на Управата за безбедност на СФРЈ генерал-мајор Александар Василевиќ и неговиот заменик Симон Туманов. Средбата била договорена во 14 часот, значи, морало да се замине итно!

jordan-mijalkov

МИСТЕРИЈА РАМНА НА НЛО

Биографот на Мијалков, како и сите негови современици во сеќавањата за него, не можат „чудом” да се изначудат како тоа Мијалков, бидејќи министер на независна ем суверена Македонија, навистина тазе, но сепак држава, така како под команда решава да замине за Белград на средба со Грачанин!? И, што има Грачанин со него да дискутира, и кој го исратил, па кој го натерал да оди, а тој не сакал, ама морал, и слично… Врз овие последни моменти од неговиот живот фрлена е максимална прашина, а еве како:

Никола Кљусев, тој доверлив историски извор, речиси како Диоген Лаертие, сведочи дека Јордан го извикал од седница мафтајќи му со рака, заедно едвај нашле неприслушувана канцеларија, па му се доверил:

“Ми се јави претседателот Киро Глигоров да заминам на состанок во Белград, оти таму ќе дошле и другите министри за внатрешни работи”, му рекол Мијалков на Кљусев. Овој го прашал, дали ќе оди. “Да ти кажам право, не ми се оди” – рекол Мијалков. Тогаш Кљусев ги опцул сочно српските генерали, и му рекол да не оди, а Јордан се сложил.

“Додека јас отидов во салата за седници, пак го повикаа Јордан на телефон. Повторно се јавил Глигоров да го убедува да тргне за Белград на средба со Грачанин. Јордан не се врати да ме извести, тргнал дома да си ги земе неопходните работи за пат и заминал”- раскажува Кљусев од прва рака.

Значи, според Кљусев, Мијалков воопшто не разговарал со Грачанин, ами добивал “директиви” преку Глигоров!

Ако ја прифатиме оваа верзија на Кљусев, испаѓа дека Мијалков, иако не го трпел Глигоров, го сомничел, па дури и го прислушкувал, сепак никако не можел да му го скрши атерот, па заминал за Белград, “дури и ако не му се одело”!?

Ако навистина не сакал да оди, можел барем да каже дека е болен, дека само што излегол од болница и дека му е тешко да патува со кола. Немало ништо да излаже!

Глигоров, пак, тврди обратно. Не само што не го терал, ами го пишманел Мијалков да не оди во Белград. Во своите сеќавања за таа фамозна средба со Мијалков, кои, разбирливо, не се поместени во оваа монографија, тој вака ја реконструира истата:

“Седев сам во канцеларијата, немаше никој. Еве го него (Јордан Мијалков) во чизми: Јас, вели, одам за Белград. Како за Белград, што имаш работа? Па, ме покани колегата оттаму да разговараме. И ќе ни дадат сто тенка. Реков, слушај, ти знаеш што пишува во Уставот, јас сум врховен командант на војската и на полицијата. Ти во Белград не можеш да одиш. Му забранив да оди, но тој не ме послуша – изјавил Глигоров за повеќе медиуми по повод 15-годишнината од смртта на Мијалков.

На овие две противречни сеќавања се надоврзува и трето, на Илија Андонов – Ченто, министер без ресор во тогашната влада, кое помага да стекнеме впечаток кој овде лаже, односно, кој лаже повеќе. За време на истата седница, тој случајно излегол на пауза, па во своите сеќавања, поместени во книгата посветена на Мијалков, отворено си кажува што слушнал.

“Во еден момент влегов во предворјето за седници, каде Јордан Мијалков по телефон разговараше со Грачанин. Слушнав како се договараат за некаков итен состанок во Белград и дека Јордан планира истиот ден да замине на закажаниот состанок” – раскажува Ченто, додавајќи дека на крајот муабетот меѓу Мијалков и Грачанин завршил со договор пак да се слушнат.

Токму на ваквите “разногласија” почива “мистеријата” за тоа, како Мијалков заминал на тој кобен пат за Белград, околу која сите поканети сведоци во неговата биографија не можат да се изначудат. А, чудно е затоа што според нивните претходни кажувања, чиниш Мијалков не сакал очи да им види на сојузните функционери, а не пак да им оди на средба. Ваму, пак, гледаме дека телефонската комуникација со нив одлично му врвела. Патем, и Грачанин убаво си поминал кај него на гости. Зошто е чудно Мијалков да отрча на состанок кај последниот комунистички министер за полиција на СФРЈ, кога знаеме во колку топли и пријателски односи бил со последниот комунистички министер на СРМ Јован Трпеновски?!

Чудно тука може да биде само нечие исчудување. Никој не сака да го разгледа наједноставното решение на “мистеријата” – Ако некој заминал како под команда за Белград, тогаш тој можеби и бил под команда на Белград!

jordanmijalkov

НА ПАТ ЗА БЕЛГРАД СО НЕСУДЕН НИКИ ЛАУДА

Како и да е, Мијалков, со службеното бело “ауди 90 кватро”, и со својот личен возач Миле Јовановски, околу 11 часот тргнал за Белград. Според многумина, неговиот возач бил многу ризичен, знаел да “развие” 130 километри на час и низ град!

“Е, ама јас со него стигнувам за Белград за четири часа”, му се пофалил Мијалков на Ченто, кога во една прилика овој му укажал дека возачот му е прилично несигурен, задевајќи го патем Ченто дека е плашлив.

Некаде кај Врање, возачот решил да престигнува колона возила, на дел од патот на кој се вози во двете насоки. Додека претекнувало неколку возила со брзина од 150 километри на час, на службеното “ауди” во пресрет му доаѓала “лада рива 1300”, со тетовски таблички, управувана од извесен Мухарем Алити од Тетово. Возачот на Мијалков влегувајќи во “ножички” изгубил контрола над воланот и излетал од патот. По неколку метра, аудито удрило во бандера, се превртело на кров и застанало токму пред железничката пруга,  паралелена со патот. Двајцата биле тешко повредени. Возачот Јовановски со санитетско возило бил префрлен за Скопје, а Јордан, кој бил потешко повреден, бил однесен прво во болницата во Бујановац, а потоа, на пат кон болницата во Врање, починал!

Српските власти веднаш ги известиле македонските, конкретно МВР, и овие по налог на Павле Трајанов веднаш подготвиле хеликоптер, со цел да го земат повредениот Мијалков и да го префрлат во Скопје. Но, набргу директорот на болницата во Врање го известил Трајанов дека Мијалков починал, па неговото тело со санитетско возило од Врање е префрлено до Институтот за судска медицина во Скопје.

По барање од српскиот истражен судија и од Општинскиот суд во Бујановац, следниот ден е извршена обдукција од тим од македонски форензичари, предводени од д-р Алексеј Дума. На обдукцијата присуствувал дури и претставник на МВР, помошникот министер Станоја Богев. Според обдукцискиот наод, кој е цитиран во биографијата, смртта настапила како последица од трауматски шок, многу повреди на градниот кош, скршеници на ребрата, од што била нарушена работата на бубрезите, белите дробови и срцето!

„НАИВНА СМРТ” ПРИ 150 КМ НА ЧАС?!

Ако несреќата ви изгледа многу логична и недоволно загадочна, прашајте се да не страдате од дефицит на фантазија за препознавање заговори или немате доволно патриотски поглед на работите. Оваа книга е тука тоа да ви го надополни, и од една сосем прозаична сообраќајка, да направи уште една мистерија, национална траума и херојска епопеја.

Прво, на веќе спомнатиот лекар, проф. д-р Никодиновски, причините за смртта на неговиот пријател Мијалков му се гледаат некако “недоволно разјаснети”. “Лекарската обдукција покажала дека нема внатрешно крварење, ниту други повреди на внатрешните органи”, пишува Никодиновски. Не претпоставил дека Ристовски во оваа книга ќе ги цитира наодите на обдукцијата, од кои јасно се гледа дека се повредени срцето, белите дробови и бубрезите, а тоа е, ќе признаете, сосема доволно за умирачка, дури и на еден супер-херој.

Многумина од неговите современици не можат да прифатат дека Мијалков може да загине во толку банална сообраќајка. Едноставно, не му личи!

“Јас добро го познавав Јордан, тој не можеше баш толку наивно да загине” – не уверува неговиот другар и соработник Ѓорѓи Наумов. И хроничарот Ристовски смета дека “саканиот министер од нашиот народ не можел да настрада толку наивно, туку сметам дека тој исчезнал под мистериозни и тешко разгатливи околности”!

Веројатно двајцата претпоставуваат дека на тетовчанецот што доаѓал отспротива не му бил мил животот, па намерно, по налог на КОС или на СДСМ, итал кон фронтален судир. И знаел кога точно аудито на Мијалков ќе наиде, а кога ќе претекнува колона возила со 150 километри на час. Тоа веќе не е наивно, и подобро се вклопува во овој филм!

Кљусев се чуди, како тоа “никогаш не е утврдено” дали причините за несреќата биле од техничка или од човечка природа и гласно се прашува, што имало во багажникот на аудито, и каде му е чантата на Мијалков? За да се решат овие загаткати, тој веднаш формирал комисија, на чело со Блаже Ристовски, заедно со Ѓорѓи Наумов и министерот за здравство Перко Колевски, но, како што вели, таа комисија “никогаш не излегла со писмен извештај пред владата”!

За време на една од годишнините од несреќата, кога по правило нашите медиуми ги “освежуваат” нејасните политички убиства и атентати, академик Блаже Ристовски дал вакво објаснување, зошто комисијата не направила писмен извештај, ами се задоволила со усна констатација.

– И ние во првиот момент помисливме дека Мијалков е ликвидиран, но, по истрагата констатиравме дека нема докази за намера, иако остана нејасно, зошто Мијалков тргнал и зошто толку брзал да стаса во Белград, особено кога се знае дека токму во тоа време беше многу болен – изјавил Ристовски за “Време” во 2006 година.

“Мистеријата” за смртта на Мијалков со години ја одржува во живот и владеачката гарнитура, која неколкупати ја “актуелизираше”, а во февруари 2009 и официјално ја обнови истрагата за смртта на првиот министер на полицијата. МВР тогаш најави дека, штом ќе има нови сознанија, јавноста ќе биде известена. Не знаеме дали тоа некогаш ќе се случи, но никако да се оттргнеме од впечатокот дека смртта на Мијалков е најкорисна токму ваква каква што е – ѓоамити неразјаснета и загадочна!

КАДЕ ИМА АТЕНТАТ, ТАМУ ИМА И АТЕНТАТОРИ

Откако смртта на Мијалков и неговото заминување за Белград така убаво ги замрсивме, иако и едното и другото се јасни како бел ден за секој што сака да гледа, отворен е патот за произволна потрага по нарачателите и извршителите на тој гнасен злосторнички чин. За да нема забуна каде ќе покаже прстот, сосема прикладно, поглавјето во кое се зборува за “погибието” на Мијалков, почнува со иницијативата на опозицијата за негова смена од функцијата!? Веројатно, за да се укаже на нераскинливата врска меѓу овие два настани. Па веднаш се дава и “експозето” на министерот во кое тој објаснува дека неосновано е напаѓан!

На сличен начин и сите негови блиски во сеќавањата не дозволуваат да се мачите и да погодувате кој и зошто сакал да го ликвидира Мијалков од политичката сцена!

“Верувам дека нарачателите на ова извршено злодело ќе одговараат пред сопствениот народ” – пишува Наумов, не прецизирајќи за кој народ се работи. Српски, македонски, албански… Верувам дека мисли на напатениот македонски народ, но тоа значи дека исклучува можност Мијалков да е ликвидиран по наредба од надвор. Зошто?

За новинарот Панде Ефтимов нема дилеми дека “овој наш современ политички деец загина од безбожната рака на народните одметници кои се одрекле од своите национални корења”. Доктор Никодиновски “лично” смета дека “сообраќајката беше режирана, измислена и посакувана од одделни назадни политички кругови во Македонија”. И за Кљусев нема дилеми зошто “паднала” оваа жртва: “Погибијата на драгиот Јордан не потсетува вечно на мистериозните планови за жртвување, за да ја паметат поколенијата цената на нашето лишување на трнливиот пат на независност на македонската држава”!

Тогашната пратеничка Ратка Димитрова изнесува хипотеза, која во тоа време ја делеле сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ – дека министерот е жртва на одмазда за успешно организираната акција против ЈНА за одземање на воената евиденција. Сепак, најдалеку во овие претпоставки оди сестрата Наде Груевска: “Можеби твојот влог за спасување на илјадници наши македонски синови од северните боишта на некогашна Југославија претставуваше чин за некои изроди да посегнат по твојот живот. Ти ветувам дека виновниците кога било ќе одговараат за своите злодела, пред лицето на правдата, пред сопствениот народ”!

Значи повторно пред сопствениот народ, веројатно наш, македонски. Ветувањето, пак, дадено од позиција на моќ, звучи како да го дава Никола Груевски, лично!

Сите овие сведочења му даваат за право на авторот Ристовски да заклучи дека Мијалков е “недолжна жртва на својот народ”(!?) и да ги сублимира сите напори на оваа книга во една реченица: “Мијалков бил жртва на минатото време, бидејќи еден голем дел од македонското општество во тој историски миг не бил доволно подготвен да се соочи со неминовноста за создавање на независна Македонија”!

Со сета почит и разбирање за болката на блиските и за нивната пристрасност, сепак не можеме да не заклучиме дека нивните претпоставки и обвинувања не можат да ја избришат едноставната вистина, која боде очи дури и од вака запакуваната биографија – дека Мијалков е жртва на својот крајно “рискантен” возач од една страна, и на длабоките и испреплетени врски со официјален Белград од друга. Првиот го усмртил директно, со 150 километри на час, а вториве го докрајчиле индиректно – со тоа што не му дозволувале, од нему познати причини, да каже “не” на поканата на Грачанин. Една чесна истрага, ако веќе не може да открие атентат и атентатори, треба барем ова да го констатира и да ја поштеди македонската јавност од натамошно сеење магла!

ЈОРДАН ПРОТИВ ЈОРДАНА

Ете, дојдовме до крајот на одисејата наречена “Јордан Мијалков и неговото време”. Можеме да заклучиме дека работите навистина ни станаа појасни, иако не онака како што би сакал нејзиниот автор и неговите нарачатели. Дали поради неумешноста на писателот, или поради челичната логика на фактите од неговиот живот, доаѓаме до констатација дека до крајот на книгата, вистинскиот Мијалков убедливо, “на поени” ако не и со нокаут, го победува виртуелниот, фиктивниот лик што се обидува да го изгради Ристовски!

Што се видовме во оваа книга? Видовме дека Мијалков се прикажува како горлив патриот, што веројатно и бил, но истовремено цел живот се докажувал како правоверен комунист. Се прикажува како жртва на режимот, но, под истиот тој режим Мијалков изградил успешна кариера, и за себе и за најблиското семејство. УДБА го спасувала од КОС, додека, така дисидентски, службувал во Школата за Резервни Официри – Билеќа. Иако му се водело досие, успеал да стане претставник на “Макотекс” во Чешка, во време кога “тепале кој неќе” да оди на таков гурбет!? Таму бил повлијателен од амбасадор, веројатно затоа што од амбасадорите се очекувало помалку. Со леснотија влегувал во Приштинскиот Врховен суд, за да спасува осудени стопанственици, на кои во Белград им се љубоморело дека претерано се збогатиле!!!

Книгата сугерира дека поради чист патриотизам, македонскиот политички “барабан” го исфрлил за министер, а на сите страни се гледаат неговите приватни врски, лични сплеткарења, лобирања и интриги, за да се дојде и за да се остане на функција. Се прави фама од крадењето на воената евиденција на ЈНА, како негово крунско патриотско дело, но, видовме дека многу поважни работи ја принудиле ЈНА да ги прекине регрутациите и да си замине. Мијалков се прикажува како лидер на националистичката струја во МВР, но, се открива и како прв другар на последниот комунистички министер!?

Демократскиот реформатор на МВР и немал многу демократски манири – вадел пиштоли, автомати, се заканувал на пратеници, на собранискиот спикер, како вистински пучист. Од неговата смрт се плете приказна дека е наместен во замка, жртвуван, предаден, ликвидиран, иако сите факти укажуваат дека не морал да замине за Белград и со едно “не” можел да се спаси!

Тоа се нашите констатации, што не значи дека нужно ќе бидат и ваши. Ако некому, и покрај оваа наша анализа му е подраго да верува во Мијалков, онаков каков што е исцртан во оваа книга, во тоа не можеме да се мешаме – сепак, ова е демократска земја и мора да се почитуваат религиозните права и слободи на луѓето!

Доколку, пак, некој сака уште поконретни докази, или, пак, чувствува дека постои некоја “алка што недостига”, што може сите противречности од животот на Мијалков да ги “стегне”, да им даде логика и дефинитивно да ги расветли, не му преостанува ништо друго освен да чека од некаде, на “Викиликс” или во некој двор, да “никне” досието на Јордан Мијалков. Ние, фала на прашање, го немаме, но не би имале против ако го добиеме. Се разбира, ако такво нешто постои или ако се уште постои. И нам ќе ни биде драго да го прочитаме, и, заедно со вас, темелно да го прочешламе!

Според Тодор ПЕТРОВ

ЈОРДАН МИЈАЛКОВ ПОДГОТВУВАЛ ЛУСТРАЦИЈА?!

mkd-244972

“Тодоре, подготвувам нешто големо што ќе биде бомба. Наскоро ќе се дознае кои пратеници се соработници на странските разузнавачки служби”, му рекол во една прилика Јордан Мијалков на поранешниот пратеник Тодор Петров, а сега претседател на Светскиот македонски конгрес. Петров ова го напишал во текст од 1995 година, објавен во “Македонско сонце”, чии делови се пренесени и во книгата на Ристовски, претпоставуваме со одобрение на авторот. Оваа информација Петров ја доведува во врска со загинувањето на Мијалков, и притоа изнесува уште еден помалку познат инцидент.

“Зошто не се обелоденува фактот дека службеното возило на Мијалков, само три месеци пред да замине за Врање, целосно е изгорено во пожар на наплатната рампа на излезот од Скопје кон аеродромот Петровец и чиста среќа е што останале живи, а со нив и покојниот министер Јордан Мијалков?” – прашува Петров, а Ристовски овој дел го болдира со мрсни, црни букви.

Дека Мијалков знаел да оперира со разузнавачки документи се гледа и од сеќавањата на спомнатиот министер во експертската влада Илија Андонов Ченто. Пред една седница, додека седеле на само во владиниот ресторан, Ченто му рекол на Мијалков дека слушнал муабет оти пратениците од опозицијата ќе побараат оставка од него.

“Јордан ја отвори чантата и ми покажа еден извештај во врска со аферата “бугарски летоци” во Струмица, за време на изборите во ноември 1990 година, потпишан од тогашниот министер Јован Трпеноски, но не ми даде да го прочитам велејќи: Ако побараат оставка од мене, тогаш ќе го прочитам овој извештај, па ќе чуеш и ти што пишува во него. Потоа ми покажа повеќе фотографии, на кои беа снимени тој и сојузниот министер Петар Грачанин” – раскажува Ченто.

Поврзани новости