Две лица загинаа во поплавите во општина Царево поради обилните врнежи од дожд, а три лица се водат како исчезнати и по нив трага итната помош, соопшти денеска бугарското МВР. Ова го потврди градоначалникот на бугарскиот град Георги Лапчев.
„Никогаш немало вакви врнежи во Царево. Веќе е направена голема штета. Едно село е целосно поплавено. Реката Велека се влева во селото Кости и има делумна евакуација“, рече Лапчев, пренесе Нова ТВ.
Според него, повеќе од 100 луѓе се евакуирани.
Полицијата претходно денеска соопшти дека трага по три лица кои се исчезнати по обилните врнежи во областа Царево.
Во моментов се излеваат реките Карагац и Ропотамо. Патот после градот Созопоље во јужен правец е затворен.
Градот Ахтопол и селата Варвара, Синеморец и Резово се целосно отсечени поради урнати мостови.
Како што јавија Новините, во општина Царево престана дождот кој врнеше речиси 24 часа.
Најтешка е ситуацијата во кампот Арапја, каде што продолжува евакуацијата на луѓето.
Под вода е и кампот „Оаза“, како и селото Кости.
Поради интензивните врнежи кои ги предизвикаа поплавите, општина Царево прогласи вонредна состојба.
Во моментов на територијата на општината работат неколку екипи на противпожарни служби во Бургас, Царево и Приморско.
Портпаролката на полицијата во Бургас, Цветелина Рандева изјави дека на телефонскиот број за итни случаи 112 примиле голем број повици.
Во кампот Нестинарка поплавени се многу еднокатни згради. Група од околу 50 деца од второ до седмо одделение се заробени во хотел кој нема струја, но се згрижени на високи катови.
Делницата од патот меѓу Варвара и Синеморец е затворена поради излевање на реката Велека, јавува Танјуг.