Најмалку 10 лица загинаа во пожар во казино хотелот Гранд Дајмонд Сити во камбоџанскиот град Поипет на границата со Тајланд, соопшти тајландската полиција.
Како што информираа од полицијата, пожарот што избувна синоќа околу полноќ по локално време се уште гори, пренесува АП.
ТАСС јавува дека во пожарот се повредени 53 лица, а осум се водат како исчезнати.
Се претпоставува дека пожарот бил предизвикан од експлозија на резервоар за гориво. Претставник на локалната администрација рече дека 400 луѓе би можеле да бидат заробени во зградата.
На снимките од социјалните мрежи се гледа како луѓе скокаат од прозорците на хотелот обидувајќи се да избегаат од пожарот.
Во моментот на пожарот во зградата имало странски државјани, јавуваат локалните медиуми.
На граѓаните на Камбоџа, една од најсиромашните земји во Азија, им е забрането да се коцкаат во казина, но во градовите недалеку од границата со Тајланд, како што е Поипет, никнаа бројни казина кои ја привлекуваат тајландската клиентела. Казината се забранети и во Тајланд, поради што коцкарите ја минуваат границата.