АРХИВА Смртен страв од промени

by Fokus

Текстот е објавен на 9 февруари, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1114

Пишува: Ана ПАНОВСКА

 Тешко дека некаде, еве да кажеме, меѓу земјите членки на Обединетите нации, можете да наидете на власт која може да си дозволи на јавна сцена толку ниско и толку долно да паѓа и да се изложува со таков кавгаџиски речник и простачка политичка реторика како власта на ВМРО-ДПМНЕ. Секоја приближно пристојна власт се труди да демонстрира некаква култура на однесување, воздржаност, спокојност, обмисленост, па ако сакате и надменост, и со тоа на некој начин ја покажува пред граѓанството и пред своите политички опоненти својата супериорност, а и верба во сопствената способност и убеденост во политиките што ги води.

Но нашиве вмровци ми се чини беа распаметени уште од првиот ден кога ја презедоа власта. Вмровската власт, просто, имаше вградено еден ненормален, извитоперен код во кој беше избришана природната свесност кај човекот дека во една држава сите луѓе не можат да мислат исто, дека во една современа држава постои нешто што се вика „партиска опозиција“, па нешто што се вика граѓанска опозиција, па дека постои нешто што се вика медиумска опозиција… Кратко кажано дека постои ОПОЗИЦИЈА, која мора да се респектира.

ТЕЖОК КРИМИНАЛ

Но, иако мораше да го прифати и да се вклопи во политичкиот плурализам, ВМРО-ДПМНЕ никогаш не сфати што е тоа повеќепартиски систем. Го помина своето владеење не во развој на државата туку во омраза и плукање по опозицијата, во закани и прогони кон сè што ќе изустеше некаква критика или на некој начин ќе се осмелеше да му опонира. Знаат челниците на ВМРО-ДПМНЕ какви сè гадотии правеа за да ја задушат слободната мисла и слободната волја на граѓаните. Добро се сеќаваат, како што се сеќаваат и сите граѓани, на сите нечовештини, сите изживувања и пакости што им ги правеа на етикетираните „непослушници“.

Е, сега дојде време, иако мораше да дојде многу поодамна, ДПМНЕ на Груевски да оди во опозиција. Доаѓа смртниот страв од промените. Тие, тргнувајќи од нивниот начин на владеење, извадени се од памет што сè ќе ги снајде кога ќе дојде на власт опозицијата – дали ќе им тече по ногавици, дали некој сега ќе се изживува кон нив така како што правеа тие… Опасно се плашат од одмазда.

Направија многу недела, но за сето тоа што го правеле и сè уште го прават ќе им се суди во една правна, законска процедура кај непоткупени, нормални, искусни судии, а не со порачки кај некој инстант судиски подмладок. Затоа не треба да се плашат од заканите на поединци, изгорени од нивното владеење.

Промената на власта е во тек. Тоа е една проста операција, која во нормални држави се одвива без некои потреси: власта преминува од една политичка гарнитура кај друга. Обично четири години и, ај, здраво! Но, за груевци и по 11 години тоа е незамисливо. Не им доаѓа до памет дека отсега па натаму има да си поседат во опозиција. Додуша, како кој. Некои од ДПМНЕ секако ќе си останат во пратеничките клупи, но некои ќе си поседат на друго место. Од криминалните досиеја нема бегање.

Не се работи тука за идејно несогласување, различни политички опции, спротивставени вкусови: сакам-не сакам барок, па сме или не сме антички Македонци; па треба ли палми, или не…; тука се работи за тежок криминал; се работи за суви бројки, оние арапските, од нула до девет, кои на старите добри дрвени сметалки изгледаат баш невино, но во рацете на еден „способен“ техноменаџер се разигруваат и се претвораат во застрашувачки милијарди. Токму со топчињата од таа шарена сметалка овој народ дојде до вистината и убаво ги пресмета „снопчињата“ кои, под покровителство на челните луѓе на ДПМНЕ, испарија некаде по светов, во непознат правец.

НЕМА ПЕТ-ШЕСТ КАЈ РОМАНЦИТЕ

И, така настана „шарената револуција“, нашата борба против криминалите на власта. За наши, македонски услови, доволно масовна, но и доста опструирана и задушувана. Не беше така ефикасна како во Романија, но шарената револуција е сепак успешна. Далеку сме ние од Романија. Таму, бре, ќе ја запалеа државата што владата со закон дозволи корупција од само 40 илјади евра. Строги некои луѓе тоа Романците, не даваат ни толку, ни 40 илјади евра! Таму, бре, пред повеќе од 25 години се крена народ и со прек суд му изрече смртна казна на властодржецот Николае Чаушеску и го урна апсолутистичкиот режим.

Нема пет-шест кај Романците. Затоа сега го имаат Клаус Јоанис, кој ги поддржа протестите против криминалот и корупцијата на владата. Тој застана зад, како што рече, „огорчениот и револтиран народ“. Клаус Јоанис го препозна гневот на народот и затоа се обрати на нацијата со многу јасни и чисти пораки. Тој не застана во одбрана на криминалната клика од власта како нашиот претседател, прво со аболицијата, а сега, по изборите, со доделувањето на мандатот на партија што немаше обезбедено парламентарно мнозинство.

Мене ми е јасно дека Иванов ни во сон не може да изговори слични предупредувања како оние на Јоанис до романскиот народ, кои како буквално да се инспирирани од нашава стварност. Затоа, покрај многуте фалсификати на оваа власт, за првпат имам потреба и јас да направам еден мал фалсификат ‒ дел од зборовите од обраќањето на претседателот Јоанис да ги ставам во устата на претседателот Иванов, како тој божем да им се обратил на граѓаните на Македонија по повод барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се оди на нови избори:

Дали сакаме да бидеме слаба нација и нација за презир, која ризикува сè само за да спаси неколкумина политичари кои се во тешка ситуација? Дали сите ние заслужуваме да бидеме жртвувани за спасот на неколку политичари?“

Добро е Иванов да си помисли дека овие реченици се негови и јавно да ги изговори, тој лично. Добро е, пред да се случи некој голем и опасен потрес во земјава, повторно да се испишмани како со аболицијата, па да си ја фати работата според словото на Уставот и да му го додели мандатот на Заев. И, ајде веќе еднаш ова да заврши! Кој е, пак, тој Груевски, па со него нацијава да се бавта со десетлетија? Ај, нека се мавне оттука!

Поврзани новости