Многу ми е јасно дека паролата од насловот многу луѓе ќе стави во недоумица, бидејќи една од основите на парламентарната демократија, за која обично се вели дека е најмалку несовршениот систем на државно уредување, ја сочинуваат политичките партии. Од друга страна, актуелната политичка криза во Македонија, повторно во преден план ги исфрли нашите автентични аномалии отелотворени во т.н. „султански партии“, во која под најголема компромитација се изложени токму истите тие партии. Преку „бомбите“ на Заев, пред наши очи се расплетува мрежата на една криминална организација структуирана според мафијашки „кумско-братучетско-баџаначки“ принцип, камелеонски скриена зад политички субјект. Оттаму доаѓа и афоризмот дека секоја држава си има своја мафија, а кај нас мафијата си има своја држава. Значи, говорам за ВМРО-ДПМНЕ, политичката партија која до есхатолошки граници ја постави дилемата за суштината на постоењето на политичките партии во едно плуралистичко општество какво што навидум е нашето.
Не е ни чудо што деновиве повеќемина мислечки луѓе во Македонија, вознемирени и вчудоневидени од снимките презентирани од лидерот на СДСМ, се занимаваат со оваа феноменологија, трагајќи по одговор на прашањата – како можеше да ни се случи ваков монструм и кое е чарето за државата? Поведена од тоа, како и од фактот дека Македонија сериозно е заглавена во партиократски систем, во кој клучниот збор, наместо партијата, го има лидерот, и јас како просечен аналитичар и уште попросечен познавач на политичките процеси, би издвоила неколку елементи, како скромен придонес во заедничката хроника на нашево време.
Прво, воопшто не мислам дека груевизмот како процес, настанал сам од себе. Напротив, тој е производ на системот, кој под флоскулата „парламентарна демократија“ наметната од осамостојувањето на државата, изроди една новотарска потреба за редефинирање на темелите на претходно постоечкиот систем на правно-политичка култура и етички вредности. Воопшто не сум сигурна дека инсталацијата на демократската инфраструктура, уште од почетокот тргна во вистинскиот правец, бидејќи елитизмот, партизацијата, монополизацијата и маргинализацијата на опозицијата, беа едни од првите „вредности на новото време“ со кои се соочивме во раните 90-ти.
Патем, сите оние кои денес сосема аргументирано реагираат дека е недозволиво Парламентот да функционира без опозиција, би ги потсетила дека во периодот 1994 – 1998 година, го имавме потполно истиот случај. Истите тие кои денес протестираат против партизираното судство, исто така, би ги потсетила дека истиот тој Парламент без опозиција, само во еден ден именуваше неколку стотини партиски подобни судии. А оние, пак, кои со полно право се бунтуваат против актуелниот медиумскиот мрак, би ги потсетила на аферата „фабрика“, во режија на СДСМ.
За да нема недоразбирање, ова не го наведувам како оправдување за постапките на Владата, чиј бескомпромисен противник сум и јас,туку како аргументација на тезата дека груевизмот е логичен производ на еден фалшив систем. Кој самиот по себе продуцира недемократско, тоталитарно и криминогено поведение на власта.
Оттаму, ја извлекувам и втората теза, според која во Македонија не постои плурализам. Всушност, со исклучок на неколку краткотрајни проблесоци, тој никогаш и не постоел во изминатите 25 години. Постои двопартизам и во македонскиот и во албанскиот блок, а тоа е многу поразлично од плурализмот, разбран како повеќепартизам. Од она што го имам наталожено како искуство од функционирањето на овој модел, се осмелувам да кажам дека полош од еднопартизмот е токму двопартизмот, кој луѓето го доживуваат преку релацијата меѓу „мурто“ и „курто“.
Поентата ми е во следново: Порано или подоцна ВМРО-ДПМНЕ ќе падне и една од првите работи со кои ќе се соочи идната власт, ќе биде демонтажата на партиските инсталации во општеството. А идна власт, освен СДСМ, јас не гледам на македонскиот политички хоризонт. Дали ќе може да се спроведе „девмроизација“ на институциите, без нивно „ресдсмовизирање“? Прашањето може да го формулирам и поинаку: Дали „заевизмот“ е алтернатива на „груевизмот“, или дали СДСМ е единственото решение за ВМРО-ДПМНЕ? Во сите варијанти, одговорот е афирмативен, бидејќи се работи за НУЖНОСТ. А нужноста произлегува од системскиот дефект на општеството, во кое засега алтернатива на двопартизмот – нема.
Во Македонија одамна е инсталиран црно – бел политички фолклор, а оттаму произлегува и линијата на поларизација меѓу обичните граѓани. Кога живеете во свет обликуван според стандардите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, колку и да бидете аполитични, вие сте подложни на нивната понуда, односно верзија на реалноста. Трета опција нема, бидејќи сето она што своевремено имаше потенцијал за тоа (Демократската партија на Гошев од која произлезе Либерално демократската партија, или Демократската алтернатива на Тупурковски), систематски беше фрагментирано и уништувано токму од двете најголеми партии. Остатокот од неколкуте десетици субјекти кои сé уште фигурираат на македонската политичка арена, повеќе би го свела на форма, бидејќи тие главно се безгласни приврзоци на „големите“. Односно, жртви на фалшивиот систем, во кои врховниот бог и судија се двете султански партии.
Верувам дека Заев има најчесни намери во промоцијата на неговата Вистина за Македонија, а гледам дека и самиот е свесен дека неговиот СДСМ не смее да има ексклузива во уривањето на Груевски. Гледам и дека ја форсира тезата дека зад неговата акција треба да застанат сите слободоумни и демократски настроени граѓани. И тоа е в ред, бидејќи човекот настојува да мобилизира што е можно поширока маса луѓе, наспроти воспоставената мрежа на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, кога ќе дојде денот „Д“ и кога истиот тој Заев (или некој друг од редовите на неговата партија) ќе треба да го грабне големиот француски клуч в рака за да ги „отштрафи“ вмровските кадри, кого ќе постави на нивно место? Аполитични и неутрални, или свои проверени луѓе? Всушност, при ваква силна и жестока поларизација на граѓанството, големо прашање е дали во Македонија сé уште има неутрални и партиски неопределени луѓе.
При сето ова не смее да се заборави еден исклучително битен факт. А тоа е студентското движење, кое борејќи се своите права и автономијата на Универзитетот, покрена еден нов импулс – граѓанскиот активизам. Кој го видовме и на новинарските протести и сé уште го гледаме во бунтот на средношколците, или на демонстрациите против уредувачката политика на МРТВ. Македонија, не сакајќи се стекна со еден нов квалитет во политичката прагма и со нов играч на политичката сцена. А тоа е неговото височество – граѓанинот, кој во полн сјај се покажа на последниот референдум за зачувување на изгледот на ГТЦ.
Мислам дека ова е моментот кој не смее да се пропушти и да се искористи за радикални интервенции и во изборниот модел, но и во начинот на функционирање на извршната власт. Идниот политички естаблишмент, без оглед дали ќе биде премостен со привремена, техничка или концентрациона влада, ќе мора еднаш засекогаш да го напушти моделот на затворени изборни листи во кои лидерот на партијата решава кој кандидат ќе биде на врвот или на дното на листата. Поразителна вистина е дека кај нашите партии не постои внатрепартиска демократија. Единствениот излез е да им се овозможи на граѓаните да интервенираат во листите и да се изјаснуваат за кандидатите. Така листата ќе стане подвижна, а кандидатите за пратеници нема да бидат полтронски анонимуси. Првиот и најважен чекор е влијанието на граѓаните во партиските листи да биде понагласено.
Или да упростам: Македонија – една изборна единица, отворени листи на кандидати и избори без долен изборен праг. Ова е единствениот начин да им се „потсечат“ ноктите на султанските партии, да се елиминираат предизборните „шинобус“ коалиции, граѓаните да се приближат до кандидатите, партиите на своите листи да поставуваат познати, авторитетни, почитувани, докажани и ценети личности и во македонскиот Парламент да влезат барем 20-тина политички партии. Се согласувам и со предлогот на професорот Фрчкоски, според кој Владата да биде формирана од сите партии кои освоиле најмалку пет отсто од гласовите. Таму нека научат што е компромис, таму нека се усогласуваат, таму нека се стекнат со политичка култура, таму нека учат како одговорно се води држава. Таму нека се одвикнат од манипулации, уцени и притисоци.
Свесна сум дека ваквиот модел има многу недостатоци и дека ќе наиде на многу критики и оспорувања. Од друга страна, уште посвесна сум дека вака повеќе не може и дека нешто мора радикално да се менува. Едноставно, созреани се условите за тоа.
универзитетски професор Гордана Попсимонова