Метеоролошките услови немаат одлучувачко влијание врз пренесувањето на коронавирусот, се нагласува во извештај на Светската метеоролошка организација (СМО).
Според извештајот, во оваа фаза нема докази дека „директното метеоролошко влијание врз вирусот значително влијае на неговото ниво на пренесување во реални услови ширум светот“.
Фактот дека респираторните заболувања се често сезонски, особено во умерена клима, „ги поттикна очекувањата дека Ковид-19 ќе биде главно сезонски“, се вели во извештајот.
Сепак, како што се покажа во 2020 година, динамиката на ширење на болеста зависи повеќе од мерките преземени од владите отколку од метеоролошките фактори.
Експертите, исто така, заклучија дека во моментов нема директен доказ за влијанието на загадувањето на воздухот врз одржливоста на новиот коронавирус.
СМО смета дека зголемувањето на температурите на северната хемисфера напролет не треба да биде причина за ослабување на мерките преземени за борба против коронавирусот.