Смислена или непотребна драма се случувала вчера пред истражниот затвор во Шутка на денот кога Еврокомесарот за проширување , Оливер Вархеји беше во посета на земјава, откако на поранешниот еврокомесар и специјален пратеник за човекови права Јан Фигел од прва не му било дозволено да го посети обвинетиот бизнисмен Орце Камчев во затворот.
Според нашите неофицијални информации, откако на Фигел кој дошол во Шутка со блиски соработници на Камчев, не им било дозволено да го посетат Камчев имало и пцовки и кавги пред затворот. Но, ова се неофицијални информации, додека официјалните информации што ги добивме од институциите велат дека поранешниот комесар дошол во затворот само со известување за посета, но не и со одобрение.
Од Истражниот затвор во Шутка за „Фокус“ објаснуваат дека вчера околу 10.30 часот Фигел побарал да го посети Камчев во затворот со известување за посета од Судот. Но, од таму велат дека затворот нема никакви надлежности и не даваат одобренија за посета, туку такви одобренија за посета е надлежен да издаде само Кривичниот суд. Кога околу 12 часот било обезбедено одобрение од Судот, затворската управа дозволила посета.
„Фокус“ испрати прашања и до адвокатот на Камчев, Тони Менкиновски, зошто била барано Фигел да го посети Камчев ако сите негови функции веќе се истечени, но одговор не добивме.
Од Кривичниот суд за „Фокус“ изјавија дека никогаш не била одбиена посета за Камчев и тврдат дека комесарот не доставил до Судот доказ за неговиот статус.
Јан Фигел-Фото: ТВ Алфа
-Веднаш по добивање на барањето за вонредна посета од страна на одредено лице за кое во поднесокот е наведено дека е поранешен Комесар на Европската унија и специјален пратеник на ЕУ, а во поднесокот не е доставен никаков доказ за статусот на лицето кое бара посета, освен копија од неговата патна исправа, судот веднаш го достави барањето на надлежно постапување во КПУ Затвор Скопје, објаснуваат од Судот.
Оттаму тврдат дека не одбиле барање за посета, ниту барање на одбраната, туку била издадена дозвола за посета откако бил утврден статусот на Комесарот.
-Со оглед да и Казнено поправната установа немала доказ за наведениот статус на барателот согласно правилата и куќниот ред на установата, судот откако бил известен за таквата состојба, согласно член 178 од
ЗКП, издал дозвола со која на обвинетиот му се дозволува посета од други лица, односно лица кои не се дел од потесното семејство. Напоменуваме дека судот во ниту еден случај не забранил посета, ниту пак го одбил
барањето на одбраната, а како што и можевте да се уверите од вчерашните медиумски извештаи, посетата била остварена токму на денот за кога и одбраната барала дозвола за посета, додаваат од Судот.
Целата ситуација денеска ја објаснуваше и министерот за правда Бојан Маричиќ кој случајот го опиша „многу врева за ништо“.
-Средбата на Фигел со Орце Камчев е на барање на адвокатот на Камчев. Побарано е пред два дена од судот, а потоа се појави пред затворот и побара да се види со Орце Камчев. Бев известен, побаравме информации од Европската комисија и од Словачката амбасада, нему сите функции му се веќе одминати. Се работи за приватна иницијатива и од судот имале дилема дали во моментов има некаква функција. Проверено е и утврдено е дека нема функција. Немаше одобрение од судот во одредено време, потоа е дозволено. Ниту јас ниту еврокомесарот Вархеји не сме ургирале кај никого за да се случи или не се случи посетата, тоа се шпекулации, објаснува министерот за правда Бојан Маричиќ.
Камчев е во притвор неколку месеци и постојано се жали на здравствената состојба, а неколку пати беше пренесуван и на Клиниката за кардиологија. Нему му се суди за случајот „Плацеви на Водно“, а е осомничен и во предметот „Империја“, но за овој случај уште нема обвинение.
Ф.Ф.С.