Бугарија е на пат да направи стратешка грешка во својата надворешна политика. Со блокирање на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ, Бугарија всушност работи против самата себе: ги забавува интеграцијата и поврзувањето на регионот неопходни за сопствениот просперитет, го поддржува антибугарското расположение во соседната земја и паѓа во меѓународна изолација поради нејзината неразбирлива позиција. Дополнително, наместо принципиелна надворешна политика, Бугарија ги претвора своите романтични толкувања на сопствената историја во мерило на нејзините односи со остатокот од светот, пишува во колумна за Дојче веле Даниел Смилов, професор по политички науки на Универзитетот во Софија и програмски директор на софискиот Центар за либерални стратегии.
Смилов наведува девет причини поради кои смета дека мора да постои одредена дистинкција помеѓу политиката и историјата:
1.Историјата не е прашање на преговори меѓу држави;
2.Меѓународното право ги регулира основните односи меѓу државите. Во него, државите си го признаваат една на друга националниот идентитет, националноста, јазикот или религијата;
3.Идејата за заедничка комисија за историски прашања имаше за цел да ги подобри односите меѓу двете земји преку процес на дијалог. Меѓутоа, со фиксирањето на преговорите за заеднички став за сите прашања, ефектот од активноста на оваа комисија почнува да генерира спротивен резултат;
4. Правната вредност на „договорите“ за историјата е речиси ништовна. Ако бидат прекршени, ќе се судиме ли во Хаг за симболична компензација;
5. Дури и ако ја принудиме Северна Македонија да потпише нов анекс на договор за историја, идентитет, антибугарски кампањи во медиумите и.т.н., овој договор нема да го промени расположението кон Бугарија во Северна Македонија;
6.Меѓу двете држави постојат многу договори со кои тие се откажуваат од територијални претензии и обврска за недавање државна поддршка на групи и движења кои бараат отцепување – ова е неопходен и добар чекор;
7. На долг рок, за Бугарија е важно да има подобрена комуникација со С.Македонија – медиуми, научни конференции и размени, патишта, железници, комуникации;
8.Бугарската позиција е неразбирлива за светот и привлекува само прекор и потсмев во ЕУ. Грците беа во слична ситуација и едвај успеаја да се извлечат од неа со Договорот од Преспа. Во моментот кога тие го сторија тоа, ние го зазедовме нивното место;
9.Влезот на Северна Македонија во ЕУ со право беше претставуван како стратешки бугарски приоритет уште од почетокот на транзицијата, пишува професорот од софискиот Универзитет.