Сторијата „Од Вива ла Дива до победа во Стразбур, колку државата е отворена за транс права“ изработена од новинарките Ивана Смилевска и Емилија Петреска од Радио МОФ е најдобрата новинарска сторија која ја освои годинешната награда „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во известувањето за прашања поврзани со темата „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”.
– Исклучиво тешко е да се слушаат сведоштвата и со какви проблеми се соочуваат трансродовите лица, особено оние проблеми кои се сосема банални, како, одење до продавница или одење до банка. Многу ми е мило што ја добиваме наградата во момент кога, оваа година, нашата земја направи мало помрднување на сферата за трансродовите права и Владата го утврди законот за менување на полот во матичната книга, изјави Смилевска, која дополни дека се надева дека токму оваа награда ќе направи државата да слушне уште повеќе и да ги оствари правата кои транс родовите ги бараат од неа.
На 18-тото издание на наградата „Жан Моне“ за најдобра репортерска фотографија беше избрана фотографијата на Арбнора Мехмети, објавена на „Мета.мк“ како дел од репортажата за работењето на Итната медицинска помош во услови на пандемија.
– Додека стојам тука, би сакала да зборувам за состојбата на фотоновинарството. Се надевам дека оваа наша професија ќе преживее и понатака, затоа што, ако вака продолжува како што е тргнато сега, мислам дека за некоја година нема на кого веќе да ја доделите ова награда, рече Мехмети.
Воедно беше доделена и награда за најдобра аматерска фотографија на тема „Заедницата – тоа сме ние“, а добитникот е Виктор Поповски.
– Победничката фотографија ги опишува луѓето што ги гледаме постојано на улица, кои што просат, кои што целиот свој живот го поминуваат на тие улици, а ова е еден трагичен, но, сепак среќен момент затоа што се радуваат на едно обично мече. Така што, тоа ми беше поентата, тоа е нашето општество што нè опкружува и да не ги одминуваме тие луѓе, истакна Поповски во своето обрќање.