Сместувачките капацитети во Охрид за Нова година се речиси распродадени уште во ноември!

by Fokus

И годинава Охрид ќе биде омилена дестинација за дочекот на Новата година, со оглед на тоа што веќе се распродадени добар дел од сместувачките капацитети. Освен хотелски соби, тешко може да се најде сместување и во апартмани, а покрај домашни гости, се очекуваат и посетители од страна, бидејќи бројни се регионалните туристички агенции кои нудат богата празнична понуда во Охрид.

Цените во хотелите, каде се уште има слободни соби, се движат од 50, па се до над 300 евра по лице за новогодишната ноќ, и актуелни се доста атрактивни понуди, со организиран дочек со жива музика во ресторани, афтер парти на плажа во тек на ден за први јануари, журки на брод…

Голем број на туристички агенции од соседството ветуваат големи забави во Охрид, во тридневни аранжмани, и тоа со Теа Таировиќ на 30-ти декември, со диџеји за дочекот на Новата година и концерт на Џани на први јануари.

Исто така, секоја година Општина Охрид има организиран дочек на градскиот плоштад, со целодневна и со ноќна програма.

Лани, за време на дочекот настапуваа Нино Величковски, Татјана Стефановска, ДНК, како и диџеји и локални групи. И наредниот ден, на први јануари, минатата година на плоштад имаше концерти на Драган Мијалковски, Балкан Џем и други музичари, а градот беше полн со посетители.

Иако до Новата година има повеќе од еден месец, многумина се решиле со време да направат резервација за сместување, и на страницата на Букинг веќе тешко може да се најде слободен сместувачки капацитет за 31-ви декември, односно први јануари 2025 година.

Во изминатите години градот станува се попривлечна новогодишна дестинација, и освен со богатата забавна програма на плоштад, но и во угостителски локали, ги пречекува посетителите и со празнична атмосфера и убаво украсен јавен простор.

Вики Клинчарова

Поврзани новости