Смешно, мизерно и понижувачко покачување на платите на здравствените работници

by Fokus

Здравствените работници вчера излегоа на протест пред министерството за здравство, а во последен момент здравствените власти донесоа одлука за покачување на платите и тоа медицинските сестри ќе добијат 3.000 денари бруто, а лекарите 2.000 денари повисоки плати.

Падна договор, а актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити и синдикатите си подадоа рака.

Но, дали здравствените работници ја добија битката или само им се замачкаа очите. Ваквиот договор предизвика лавина негативни реакции, каде многубројни лекари, медицински сестри, болничари ги споделија со јавноста.

 

„И за крај на денот кога видовме невидено понижување и осиромашување на вработените во јавното здравство од страна на неспособната и ненародна Влада, добро е што видовме разлика, поточно од една страна понудени мизерни месечни покачување од БРУТО 3.000 денари на медицинските сестри и БРУТО 2.000 денари на лекари и сите останати вработени во здравство, а од друга страна платите на функционерите се зголемуваат за 78%!!!“, истакна Ивица Апостолов, претседателот на Здружение на медицински лаборанти Клинички центар Скопје.

Тој не е единствениот кој вчера го крена својот глас, како што кажа против понижувачкиот однос кон нив.

Голем број на лекари и медицински сестри на социјалните мрежи револтирано коментираа како тие се едни од најомаловажените и на тој начин, со тие смешни суми, што им се дадени само сакаат да им се затворат устите.

„Ова што ни се прави е срамота. Бруто 2.000 и нето илјада и нешто. Па кој тие понижуваат. Цело здравство е катастрофа благодарение на лошите политики, системот се распаѓа, луѓе умираат на секој чекор, а тие се ќе направат нас здравствените работници да не дозакопаат. Сите ќе си одиме, не знам кој ќе работи после“, објаснува во изјава за „Фокус“, револтирана докторка, која сакаше да остане анонимна.

Сепак, најголем револт се создаде по најавата за покачување на платите на функционерите, што здравствените работници го сфатија како дополнително понижување спрема нивната работа и хумана дејност.

Пред неколу денови, со одлука на Уставниот суд на 21 март се укинати два члена од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица со кои основицата за пресметување на платите се зголемува од 26.000 на 47.700 денари.

На одлуката посочија од УПОЗ од каде велат дека платите на функционерите ќе им се зголемат за 78 отсто.

Ирена Мулачка

 

 

 

Поврзани новости