Во најмала рака, смешно е да се тврди дека 14 човечки животи се загубија заради некаков кабел, оцени денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, коментирајќи го извештајот од вештачењето за причините за пожарот во тетовската модуларна болница, што МВР го доставило до обвинителството во Тетово, во рамки на истрагата за трагедијата.
Според Николоски, СДСМ и ДУИ си нарачале извештај за да ја скријат одговорноста.
-Очигледно е дека СДСМ и ДУИ, преку обвинителството во Тетово, си нарачуваат извештај каков што им одговара, со цел да скријат одговорност, изјави Николоски, при посетата на Кисела Вода, во рамки на изборната кампања, а одговарајќи на новинарско прашање во врска со извештајот за модуларната болница во Тетово.
Според него, најодговорен за целиот случај е министерот за здравство, Венко Филипче, бидејќи изградбата на модуларните болници е во неговото Министерство.
-И да е така како што тврди тетовското обвинителство, повторно одговорноста е кај Венко Филипче, затоа што тој е министер за здравство и тој е најодговорен за изградбата на модуларните болници и за нивното функционирање, затоа што тие се во рамките на Министерството за здравство и знаеме дека со промените на Законот за градење целосно е прескокната процедурата на кој начин истите требало да бидат изградени, рече Николоски.
Државното обвинителство денеска го објави извештајот од вештачењето на МВР, посочувајќи дека тоа е само еден од доказите во истрагата. додека паралелно течеше прес-конференција на премиерот Зоран заев во Владата. На прашање за извештајот, Заев побара време за да го прочита пред да даде свој коментар. Прашан, што тоа конкретно ќе значи за понудените оставки, рече дека веднаш, откако ќе ги осознае сите информации за тоа што е објавено, ќе го каже и својот став за оставките на министерот и на заменик министерот за здравство.
Заев, изрази благодарнност до институциите што ги објавуваат извештаите, затоа, како што рече, граѓаните ги чекаат.
-Тоа е најважното. Самите извештаи мора да бидат професионално и навремено завршени и секоја информација што дава дополинтелно одговори на нашиот народ, на семејствата на загинатите наши сограѓани е респонзивност на институциите, посочи Заев.