Во официјалното решение со кое се разрешува д-р Сашко Јовев од функцијата директор на Клиниката за кардиохиругија стои дека имало листа за исплата на дежурства за која немало согласност од министерот., изјави адвокатот на кардиохирургот Мите Михајловски на денешната прес конференција на Клиниката. Адвокатот најави тужба и обвини дека вина на министерот е што немало согласност да се организира дежурство.
Ова уследи по вчерашната одлука на министерот за здравство Фатмир Меџити да го разреши д-р Јовев од функцијата директор на Клиниката за кардиохирургија, при што не даде прецизно објаснување зошто тој е сменет. Прво министерот изјави дека нема да толерира злоупотреби и неработење и дека затоа е сменет кардиохирургот, јавноста реагираше дека не може да се каже дека д-р Јовев, кој во 2020 година ја направи првата трансплантација на срце во Македонија е неработник, Меџити ретерираше. Тој потоа кажа дека причина за разрешување била за дежурставта кои се организирале без согласност од министерот.
„Решението е навреда за здравиот разум на сите нас. Во решението стои дека за 2022 година има исплатни листи за дежурства, а дежурството не го одобрил министерот за здравство. Замислете, доаѓа некој со итна потреба на клиниката, да му рече портирот – извинете немаме согласност од министерот, дојдете утре. Само тоа е причината. Само дежурството. Вчера слушнавме дека кој знае какви злоупотреби имало од страна на професорот Јовев, но единствена причина е дежурство. Јас, еве како правник, поставувам прашање – како може оваа Клиника да нема дежурство? Не може. Злоупотреба е од министерот ако не дал согласност да се организира дежурството. Апсолутно нема никаква причина за разрешувањето, од далеку се гледа дека нема повреда туку е друго нешто во позадина“, рече адвокатот Михајловски.
Тој апелираше до колегите лекари на Јовев и до директорите да се обединат, сега, оти ако не се спасат сега, втора шанса нема да имаат.
Голем број пациенти денес се појавија пред Клиниката за да го поддржат директорот. Заедно со Јовев побараа Министерството да ја преиспита одлуката за негово разрешување.