Се почесто дел од судиите коментираат најразлични политичко-општествени случувања на своите профили на социјалните мрежи, па и случувања од правната област.
Во време кога се поголемо е влијанието на социјалните медиуми, се поставува и прашањето што и како смеат судиите да пишуваат на своите приватни профили.
Го прашавме председателот на Здружението на судии, Џемаили Саити дали судиите имаат некакво ограничување кога станува збор за користење на социјалните мрежи.
Претседателот вели дека целосно застанува зад мислењето на Советодавното тело за етика на судиите.
Идејата е дека судијата не може да изнесува службени и работи во врска со неговата судисика активност. Може за приватни цели. Е сега е прашање како ќе се разграничи кога е за приватни цели. Генерално, судијата треба да знае да ја постави таа граница, вели Саити.
Саити додава дека судија може да коментира случувања од општеството, па и судиски работи, но не може да коментира конкретни предмети.
Не треба да заборавиме дека и судиската дејност е феномен во општеството кој трпи критики и евалуации.
Целосното мислење на Советодавното тело за етика на судиите и судиите поротници во однос на користење на социјалните мрежи гласи:
„Судијата како и секој граѓанин, го ужива правото на слобода на изразување, во границите на неговите законски права и обврски, начелата за судската власт, принципите за непристрасност, интегритет и пристојност, а во име на дигнитетот на судијата и судиската функција.
Со оглед што вршењето на судиската функција е предмет на постојано набљудување, судијата како во својот професионален така и во својот приватен живот, со своите изјави и активности на социјалните мрежи, медиуми и платформи, е должен да внимава да не го наруши својот углед, како и да се грижи за сочувување на довербата на јавноста во судскиот систем.
Судијата треба да ги користи социјалните медиуми со цел за приближување до јавноста на работата на судовите и подобрување на перцепцијата за судиската функција.“
К.С.Б.