Сме се фатиле за орото, сега ќе играме

by Фокус

Во коридорите на политичките институции во Босна, кои како да беа испразнети од луѓе, владееше некаков чуден мир, некакво злокобно спокојство. Значи, ова е тоа што се подразбира под „затишје пред бура“, помислив. Сите, имено, знаевме дека масовниот етнички колеж само што не почнал и бевме како парализирани.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Во недела, на 26 април 1992, Скопје е место за средба меѓу Босанците и Србите. Се јавуваат од протокол: доаѓа делегација на БиХ на преговори со ЈНА и претставник на југословенското претседателство.

На една страна, претседателот на БиХ, Изетбеговиќ, на друга генералот Аџиќ и членот на претседателството Костиќ. Попладне во 16 часот ќе ми пратат автомобил. Ми се јавува Глигоров: ,,Да се видиме во 11.30.“

На излегување од неговиот кабинет се среќавам со Крсте Црвенковски. Прашува како одат надворешните активности. Му кажувам дека претходниот ден испратив писмо до Пињеиро и до Иглбергер. Се подготвувам да напишам писмо и до дванаесттемина на ЕЗ, за состанокот на 1 и на 2 мај.

Кореспонденцијата ја водев сам, пишувајќи директно на англиски. Вечер во 18 часот излегуваме од седницата на владата со Кљусев и одиме во вилата на Водно. Министерството за надворешни работи подготви одлука за признавање на БиХ за самостојна и независна држава.

ПОСРЕДНИЦИ

Влегувам. Глигоров шета со соработниците, кои заминуваат на страна.

„Не знам дали Изетбеговиќ направи добра проценка што ја прифати средбата токму сега кога Србија и армијата се изложени на жесток притисок пред КЕБС во Хелсинки“, вели Глигоров.

За нас е добро. Очите на светската јавност се свртени кон БиХ и кон армијата, па состанокот во Скопје ќе биде во центарот на вниманието“, ја коментирам македонската „посредничка“ улога. Влегува Алија Изетбеговиќ. Се поздравува со претседателот.

Како сте господине Малески?“, „Добро, како Ви?“, прашувам.

„Треба издржати“, одговара.

Камери и новинари. Изетбеговиќ му предава на Глигоров папка со признавање. Насмевки (тажни). Глигоров: „Како иду преговори?“. Изетбеговиќ: „Свако ќе казати своје у саопштењу“.

Кљусев го чита тоа што му е напишано од МНР и од името на владата на РМ, на Изетбеговиќ му ја дава одлуката за признавање. Долу, во дното на просторијата, Аџиќ. Костиќ, кого го запознав во Брисел на Конференцијата за Југославија, дава интервју: вика во микрофонот.

Одиме во Собрание со премиерот Кљусев, потоа одам во Министерството. Цел ден полн со активности. Мислите ми одат кон Изетбеговиќ, неговата судбина и судбината на неговиот народ.

Во сеќавање ми остана нашата последна посета на Сараево, кога, со претседателот Глигоров, поради неисправноста на нашите две авиончиња, летавме со мала цесна на босанската влада.

Идејата беше претседателот да се види со Изетбеговиќ, а потоа да се видиме и со лордот Карингтон, кој доаѓаше во куса посета.

Силните ветришта во процепот меѓу огромните планини во чие подножје е градот, ја вшмукаа малата цесна и со тресење и фрлање налево и надесно го приземјија авионот, би рекол едрилицата. И Карингтон, кој дојде со далеку подобар авион, џет со амблемот на ОН, мина низ истото непријатно искуство.

„Виде ли какви беа ветриштата“, прашува.

Задоволен што сум на земја не ни претпоставував што нѐ чека при полетувањето за Скопје неколку часа подоцна.

ЗАТИШЈЕ ПРЕД БУРА

Средбата меѓу Карингтон и Изетбеговиќ се одржа во бараките на аеродромот, а конференцијата за печат во некаков хангар со ширум отворени врати, низ кои шибаше ветерот, кој никако не стивнуваше.

Налетот на новинарите што известуваа за срамниот етнички колеж беше толку силен, што претседателот и мене буквално нѐ фрли на страна. Глигоров се обиде некако да се истурка до Карингтон за да одговори на некакво новинарско прашање, се разбира за Македонија, но целиот интерес на странските и на домашните новинари беше свртен на друга страна – кон босанската трагедија.

Седнати на ручек со претседателот Алија Изетбеговиќ и потпретседателот Ејуп Ганиќ , имаше што да се зборува, но како да немаше што многу да се каже. Конференцијата за Југославија не помогна да се најде политичко решение за Босна, западните сили немаа намера воено да интервенираат, граѓанската војна се распламтуваше…

А, сепак, разговаравме токму за тоа, за Конференцијата, за војната, за поведението на домашниот и на меѓународниот фактор. Во коридорите на политичките институции во Босна, кои како да беа испразнети од луѓе, владееше некаков чуден мир, некакво злокобно спокојство.

Значи, ова е тоа што се подразбира под „затишје пред бура, помислив. Сите, имено, знаевме дека масовниот етнички колеж само што не почнал и бевме како парализирани.

БУРА ОД ВЕТРИШТА

Бурата од ветриштата над небото на Сараево не престануваше, но пилотите зад кои седевме немаа намера да се откажат од полетувањето. Ветерот, го слушам разговорот со контролната кула, е 100 км на час, и како постојано да ја менуваше насоката, тресејќи го авионот лево-десно. Едниот пилот се држи со раката за пултот пред него, за да не се удира од другиот.

Во еден момент, „едрилицата“ пропадна во некаков вртлог, па силно ја удирам главата од ниската таваница. За да се ослободам од непријатноста и од стравот, повеќе како коментар отколку како прашање, му велам на Глигоров: „Што ни требаше ова?“.

Се разбира, мислев на политичкиот ангажман. Можеби претседателот го помислил истото во тој момент, па веднаш процеди низ заби:

Сме се фатиле за орото, сега ќе играме“.

Јас, пак, очекував некаква длабока, умна и охрабрувачка мисла за нашата важна мисија…

(Продолжува)

Поврзани новости