Кај и да одиме ни ги поставуваат тие прашања, дали политичката партија ВМРО ни ги финансира проектите. Треба да не тргнат од политика, вистината е дека никогаш пари од политичка партија не сме зеле, имало понуди, но никогаш не сме прифатиле да пееме за политичка партија, затоа што сметаме дека песните се за сите – велат од музичкото дуо ,,Некст Тајм”, кои периодов се вратија на сцената по подолга пауза со обработка на старата патриотска песна ,,Кога падна Пирина”.
Рокерите, односно близнаците Мартин и Стефан Филиповски, го сменија својот музички правец и веќе неколку години наназад снимаат обработки на стари патриотски песни, а за нивното поврзување со политичката партија ВМРО ДПМНЕ, кое е честа тема во јавноста, зборуваа во емисијата на јутјуберот Лазаров.
-Има таква поделба кај народот, и тоа е многу тажно, но сето ова кое ние го работиме, го работиме за сите. Ќе бидеме најсреќни кога тоа би го прифатиле сите, би го гледале како проект за сите, едноставно, дигање на македонскиот дух.
Притисоци сме немале од ниту една политичка партија, но сме слушале од прва рака муабети, дека на луѓе им се забранувало да се сликаат со нас, да постираат наши песни, но што е – тука е – велат.
За коментарите дека ,,Некст тајм” нема инспирација да прави свои, авторски дела, па затоа се посветени на обработките, порачаа дека оние кои тоа го коментираат најчесто не ги ни слушале песните на бендот.
На прашањето дали би примиле пари од политичка партија, одговорија дека би примиле, во зависност од тоа дали ќе се пронајдат во тој проект и како ќе треба да го изреализираат. Раскажаа дека таков бил случајот со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кога ја снимија обработката за песната ,,Јовка Кумановка”.
На крај порачаа дека настапи на политички митинзи не ги интересираат, и дека најдобро би било кога уметниците во земјава никогаш не би зависеле од министерства, институции и државни субвенции.
Вики Клинчарова