Според обвинителката Гордана Смаќоска, изречените казни за обвинетите во случајот „Организатори на 27 април” се многу ниски. Таа посочи дека е изненадена од ниските казни бидејќи во претходната пресуда за самите извршители на насилствата во Собранието беа изречени многу високи казни.
„Мислам дека пресудата е таква каква што е. Судијата ќе образложи зошто ја донел и зошто олеснителните околности преовладувале во овој конкретен случај кај едно вакво тешко кривично дело, а не отежителните кои и самите имавте можност да ги чуете колку судот ги нагласува. Со самото нагласување на сите тие отежителни околности за судот по мое мислење не смееше судот да си дозволи да има пониска казна од 10 години, барем по мое јавнообвинителско видување на самиот настан, бидејќи доколку не постоеја овие обвинети како организатори немаше да се случи и самиот настан, изјави јавната обвинителка Смаќоска.