МВР и Обвинителството денеска излегоа со соопштенија дека исчезнатиот Пинета Секондо -Пино, по кого се трагаше со месеци, бил убиен и покриен со камења во селот Љуботен. Според МВР осомничени за убиството се двајца, момче и девојка, за кои поднеле кривична пријава до Обвинителството.
Во соопштението на обвинителството пак се додаваат нови детали, за начинот на кој бил убиен Пино, но воопшто не ја споменуваат девојката. Затоа го прашавме шефот на скопското јавно обвинителство, Сашо Рајчев, зошто во соопштението, како осомничен се споменува само мажот на возраст од 27 години.
-Сега е отворена истрага само за едно лице, а пријавени се двајца. Во зависност од текот на истрагата дополнително ќе се одлучи за второто лице, појаснува обвинителот Рајчев за „Фокус“.
По исчезнувањето и мајката на Пино споменуваше девојка, која го викнала да оди кај неа, по што му се губи секаква трага. Таа изјавуваше дека нејзиниот син на 10 декември заминал во Ѓорче Петров да се види со пријателката.
Полицијата телото на Пино го пронашла пред еден месец, односно на 29 април, кога граѓанин пријавил дека на место викано Башинец во атарот на с.Љуботен пронајден е човечки скелет покриен со камења.
Мајката на Пино, пак на фејсбук објави дека на 2 мај била повикана од полицијата да остави ДНК, откако на 29-ти април била информирана дека е најдено изгорено тело на маж.
-Полицијата нé повика сите нас родители на исчезнатите за да оставиме ДНА. Мене на 2 Мај ми се јавија( после 3 дена) да ме повикаат да дадам ДНА (НДА). Јас сум моментално во Италија. Во сабота и недела каде што треба да ми земат ДНА (НДА) не работат. Се зима ДНА(НДА) само од понеделник до петок, напиша тогаш Маја Трпковска на фејсбук.
Од обвинителството информират и како Пино бил убиен.
-Осомничениот, 27-годишен жител на Скопје, делото убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик го сторил на 11 декември 2018 година, околу 2 часот, откако претходно се сретнал со сега починатиот. Тие заедно со патничко моторно возило „опел аскона“ пристигнале во атарот на село Арачиново во Скопје. Осомничениот извадил огнено оружје – пушка и го застрелал оштетениот во пределот на главата. Од нанесените повреди Секондо веднаш починал. По стореното дело, во обид да се скријат трагите, телото на починатиот било пренесено во село Љуботен, каде е оставено во дупка и покриено со ќебе. Осомничениот се дал во бегство и во моментов е недостапен за органите на прогонот.