Службеничката од Управата за матична книги која наместо венчаница му издала умреница на синот и на снаата на градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски кој сега е и кандидат за претседател на државата имала завршено средно шумарско, тврди Јакимовски.
-Била шивачка, а претходно работела како касиерка. Во 2018 добила диплома за средно шумарско. Претходно имала само три години средно. Што бара во администрацијата со такво школо. Човек со работни навики ваков пропуст не може да направи, рече Јакимовски.
Синот на Јакимовски дознал дека добил умреница дури откако отишол кај преведувач за да го верификува меѓународно документот.
-Претпоставувам дека е ненамерно, ама гледате ли што правиме со нашата неодговорност и неселективност, кого бутаме во администрација. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кога се во опозиција ја критикуваат администрацијата и јавниот сектор, а таму се нивни луѓе вработени. А како е можно на илјадници „правници“ вработени насекаде, да не може да се најдат истражители за Обвинителството, додаде Јакимовски.
Според него, партиите ја растуриле државата.
-Ние партиите ја растуривме оваа државичка. Се однесуваме крајно неодговорно. Уште една потврда зошто младите ја напуштаат Македонија. Не од економски причини, туку од лошо водење на институциите во државата. До кога ќе одиме вака. Вработени се луѓе кои работеле како касиерки, шивачки.. не потенцувам никој.. и тоа со шумарски факултет.. и прашањето е што бара во администрација.. вакви пропусти се случуваат секојдневно. Ова го направија трите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. И сега јавно прашувам, луѓе, дали не се наситивте од ставање непотребни и несоодветни кадри во администрација, вели Јакимовски.