Случајот за синот на Талат Џафери отворен, за да се затвори?

by fokus

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Младите заслужуваат држава која ќе го цени успехот врз основа на талентот и трудот, а не врз основа на политиката или на личното познанство. Оваа суштинска порака на амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер, во живо ја слушнаа и собранискиот спикер Талат Џафери, министерот за правда, Никола Тупанчески, и претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, на прославата за 20 години од постоењето на ДКСК.

Синот на собранискиот спикер сигурно е млад човек пред кого ќе стоеше успешна обвинителска или судска кариера, ако минатата недела Државната комисија за спречување на корупцијата не утврдеше дека Барлет Џафери прво положил правосуден испит, а потоа се стекнал со 300 кредити.

Всушност, синот на Џафери, во февруари 2015 година положил праводусен испит, а неколку месеци подоцна, односно во јули истата година магистрирал, односно се стекнал со 300 кредити.

На седницата, ДКСК го образложи предметот и го затвори, со образложение дека не може да го докаже зашто во Министерството за правда не се чувале документите, односно се уништувале по една година. Веста во медиумите беше пренесена, но првите денови не беше ударна во ниту еден медиум.

„Фокус“ испрати прашања до Министерството за правда за документите на Џафери, но и самото Министерство испрати соопштение до сите медиуми дека досегашната пракса била документите на кандидатите, односно барањата и другата придружна документација на кандидатите за полагање правосуден испит да се чуваат една година.

Но, затоа од Правда ја чуваа евиденционата тетратка, која била од трајна вредност и покажувала дека Барлет Џафери, правосудниот испит го положил во февруари 2015 година, а потписот за положен правосуден испит го ставил министерот за правда што ја извршувал функцијата во 2015 година, односно Аднан Јашари.

Кога „Фокус“ објави дека младиот Џафери положил правосуден испит додека министер бил Јашари, тој ни порача дека статијата ни е лажна и побара да ја избришеме и да се извиниме.

Неговото тврдење според она што ни го нафрли е дека тој не бил тогаш министер, најверојатно мислејќи дека не бил министер кога младиот Џафери ги предавал документите.

Но, Јашари никаде не испрати демант и не образложи што точно се случувало тогаш.

Па така, Министерството за правда, прстот го впери кон него, односно кон министерот што потпишал дека Џафери положил правосуден испит и нивната теза беше дека некој од поранешните министри го искористил своето дискреционо право за да му дозволи на некој да полага правосуден испит.

Но, не може да ја најде документацијата што ќе покаже кога младиот Џафери ги поднел документите и кој во Министерството за правда утврдил дека Барлет Џафери ги исполнил условите за полагање правосуден испит.

Можеби во законите има некои рокови за чување на документацијата, но има и одредби дека документацијата се префрла во Државниот архив.

Академијата за судии и јавни обвинители, каде што синот на Џафери е еден од слушателите на седмата генерација судии и јавни обвинители, си ги собрала сите документи на број и не гледа зошто би ги проверувала датумите кога ги има сите.

Но, целиот случај ја крена јавноста кога беше соопштено дека не бил само Џафери, туку на Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, познат како Штулов универзитет, имало 449 студенти со спорни уверенија. Односно студенти што добиле уверенија како да завршиле степен 7/1, односно четири години правни студии, а завршиле три години.

Ректорот на Универзитетот, Абдулменаф Беџети, кој за декан на овој Правен факултет го поставил токму Аднан Јашари, во изјава за медиумите тврдеше дека тие дипломи биле техничко-административна грешка и дека не биле над 400 студенти, туку 200 студенти.

Беџети дури и нѐ предупреди да бидеме коректни во известувањето затоа што тие не направиле дури ни техничко-административна грешка бидејќи кандидатот завршил тригодишни студии во 2009 година, а Националната рамка за квалификација била донесена во 2010 година. Но, сепак, дотогаш имало Закон за високо образование што ги определувал квалификациите.

Сепак, сите овие тврдења се во спротивност на она што го констатитрал Државниот просветен инспекторат при надзорот што го направил во Универзтитетот и констатирал дека од 2008 до 2012 година биле издадени 449 спорни уверенија.

Но, дури ни тие не дале објаснување дали е законско или незаконско сето ова што се случувало. Иако кривичната пријава за сомнежите за Барлет Џафери биле доставена и до Јавното обвинителство, тие не евидентирале таква пријава, а сега уште го следат случајот преку медиумите и се мислат дали има кривично дело.

И од сево ова може да се заклучи дека случајот за синот на Талат Џафери, Антикорупциската комисија го отвори, за институциите успешно да го затворат.

Сите да се „покриени“ со некаков изговор и никој да не биде виновен и одговорен, иако, ако не ДКСК, Обвинителството може да отвори случај и да ги прибере документите. И Министерството за правда може да пребара по документацијата и Државниот архив и ќе види што точно се случувало, а Државниот просветен инспекторат, ако треба, може да направи и уште една ревизија во овој Универзитет, но и на другите универзитети.

Ако никој не преземе ништо, синот на Талат Џафери наскоро ќе стане судија и обвинител, над кого секогаш ќе стои овој сомнеж, а нема да добиеме ниту одговор што се случило потоа со тие 449 студенти што добиле спорни уверенија.

Ќе ја облечат судската или обвинителската тога и ќе делат правда во име на неправедната држава.

Најверојатно, пораката на Агелер не ја разбрал никој од тие што ја слушнале. Додека децата на обичните смртници гнијат во корупција и неправда и си одат од земјава, на државата, сепак, на прво место ѝ се политиката и личните познанства.

 

Поврзани новости