Случајот „Транспортер“ веќе 7 месеци е „паркиран“ во Апелација

Талески одлуката на второстепениот суд ја чека во домашен притвор, кој му беше одреден во март 2020 година.

by fokus

Веќе седум месеци Апелација одлучува за предметот „Транспортер“, односно дали да ја потврди првостепената пресуда, да ја преиначи или пак да ја укине и предметот да го врати од почеток во Кривичниот суд.

-Се постапува по предметот, е кусиот одговор кој го добивме од Апелација на прашањето зошто се уште нема одлука на судот.

Судењето за овој случај почна во 2016 година, а првостепената пресуда беше донесена на почетокот на 2020 година. Со неа екс градоначлникот на Битола, Владимир Талески беше осуден на осум години затвор.

И останатите 20 обвинети беа прогласени за виновни. Меѓу нив се раководител на сектор во Оштина Битола во времето на мандатот на Талески, поранешни директори на училишта и управители на фирми. Дел од нив добија затворски казни, дел условни.

Талески одлуката на второстепениот суд ја чека во домашен притвор, кој му беше одреден во март 2020 година. Во меѓувреме тој редовно зема плата од Битолскиот театар, каде што се уште се води за вработен. Додека беше градоначалник, неговиот работен однос беше во мирување, откако му заврши мандатот, тој е повторно вработен во НТБ како актер и има статус на актер „првенец“. Оваа позиција му е определена со систематизација од февруари 2016 година.

Предметот „Транспортер“ беше отворен од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а првостепената пресуда ја донесе советот на чело со судијката Добрила Кацарска.

На обвинетите им се судеше за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што, според обвинителството, е направена проневера на околу 360.000 евра.

В.В.

Поврзани новости