Случајот со Вања ја потсети јавноста на Билјана, чие тело исто така беше скриено во село Бразда пред 33 години!

by Fokus

Грозоморното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, кое ја потресе и разгневи јавноста, се случило во селото Бразда.

Како што денес истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, девојчето било грабнато во влезот на зградата во која живеело, ѝ биле врзани рацете и нозете, била ставена во вреќа за спиење и ставена во гепек, а потоа со возило „цитроен“, одземено од 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, убиен претходно од истиот убиец, била однесена во селото Бразда.

Убиецот го извршил убиството таму, во Бразда, пред двајца сведоци, а потоа го закопале девојчето.

Македонската јавност се сеќава на случајот со малата Билјана Србиновска, чие тело исто така беше пронајдено во село Бразда, пред околу 33 години. До денес, не е пронајден нејзиниот убиец, иако во времето кога се случи настанот, беше активна масовна истрага за настанот кој предизвика огромна вознемиреност и страв кај населението.

Исчезнувањето на деветгодишната Билјана Србиновска се случи на 24-ти декември 1989 година. Таа во попладневните часови излегла од играорното друштво „Танец“ и по булеварот Илинденска тргнала кон дома, кај Технолошкиот факултет во Скопје, но никогаш не се вратила во својот дом.

Случајот со Билјана беше голема мистерија и причина за страв помеѓу граѓаните.

По повеќе од еден месец, односно на 27-ми јануари 1990 година во атарот на скопското село Бразда беше пронајдено нејзиното безживотно тело.

Според тогашните информации, момче и девојка случајно го забележале телото на убиеното девојче во бунар во селото Бразда и ја известиле полицијата. Беше соопштено дека станува збор за Билјана, која била сексуално малтретирана и убиена, но никогаш не се откри кој беше монструмот кој стоеше зад делото.

Една година пред исчезнувањето на Билјана, среде бел ден од Скопје, во близина на Олимпискиот базен исчезна и петгодишниот Амет Алкан. Неговата судбина до денешен ден не се знае.

Инаку, Бразда, каде беа пронајдени телата на двете убиени девојчиња, во двата посебни случаи, е село во Општина Чучер-Сандево.

Според пописот од 2021 година, во Бразда живееле 647 жители. Познато е по археолошкиот парк Бразда.

Вики Клинчарова

Поврзани новости