Случајот со скопјанката Мирјана ја разбранува земјата: Посвоените деца конечно ќе добијат право да ги дознаат биолошките родители?

by Fokus

Мирјана Митревска од Скопје, која како дете била дадена на посвојување, ја тужела државата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, бидејќи според актуелниот Закон за семејство во Македонија, била одбиена да ги добие медицинските податоци за биолошкото семејство. Европскиот суд за човекови права утврдил повреда на правото на приватен и семеен живот во предметот кој бил инициран од Македонското здружение на млади правници – МЗМП.

Веста за оваа пресуда, која е реткост во Европа ја објавија од МЗМП, кои потенцираат дека пресудата е од особено значење бидејќи упатува на правото на секој да знае кои му се биолошките родители, како и да се има пристап до информации поврзани со здравјето, што севкупно е вклучено во опфатот на приватниот живот.

-Оттука, последиците кои оваа пресуда ќе ги наметне ќе предизвикаат итна и неодложна промена на Законот за семејство. Станува збор за случајот на г-ѓа Митревска, која е посвоена уште додека била дете, на непрецизиран датум во постапка за целосно посвојување. Таа од надлежни институции побарала определени информации, како: нејзиното родено име, место на раѓање и информации за нејзините биолошки родители. Овие информации и биле потребни поради медицински и здравствени причини.

Но, информациите никогаш не и биле дадени поради добиени образложувања дека завршените посвојувања се сметаат за службена тајна. Со пресудата, Судот упатува на прешироко поставената одредба од член 127-а на Законот за семејство со која е предвидено дека сите информации во однос на целосно посвојување претставуваат службена тајна.
На овој начин Судот со пресудата потврдува дека индивидуалните околности на апликантката да го знае нејзиното потекло особено нејзиниот интерес да добие информации поврзани со нејзиното здравје, не се земени предвид од страна на македонските власти- појаснуваат од МЗМП.

Додаваат дека со пресудата на Европскиот суд за човекови права во предметот Митревска против Македонија, уште еднаш се враќа вниманието на Конвенцијата за правата на детето што е дел од нашиот правен поред, како и на Конвенцијата за заштита на децата и соработка во однос на посвојувањето меѓу државите, и се истакнува важноста од зачувување на идентитетот на детето и обезбедување пристап до информации во врска со неговото потекло.

Веста за случајот на Мирјана силно одекна и наиде на поддршка помеѓу посвоените деца, кои членуваат во неколку групи на социјалните мрежи, и кои со години, па и децении се трудат да си го дознаат биолошкото потекло.
На почетокот на годинава започна и проект на здружението ,,Градиме иднина” со кој здружено, сите деца во потрага по биолошко семејство, како и родители кои се во потрага по своите деца, ќе се изборат да се донесат законски измени на темата.

Во интервју за ,,Фокус” од февруари годинава, Илија Јовановиќ кој е на чело на здружението, а и самиот е лице кое растело во дом за деца без родителска грижа, порача дека старите закони мора да се менуваат и секој има неприкосновено право да си го знае својот идентитет.

-Нашите закони за посвојување датираат уште од времето на поранешна Југославија, нема никаква промена со децении. Ние ќе бараме да се измени и дополни членот 123 од Законот за семејство, и со тоа лицата без родителска грижа и посвоените деца да можат да го отворат своето досие и да видат кои им се биолошките родители.

Тоа право државата им го ускратила на десетици илјади деца, а со тоа е направена огромна штета. Сегашните закони ги штитат само посвоителите, но не се мисли на посвоените деца, на кои им се ускратило правото да знаат дали имаат сестри и браќа, да знаат кои им се другите блиски роднини, дали има некакви наследни болести во фамилијата.

Стравот од инцест е огромен кај овие лица, а имавме еден таков случај пред околу седум години. Сестра и брат од Велес, кои биле разделени при посвојување, на крај без да знаат, се венчаа во Сиднеј. Кога се откри тајната, тоа беше огромен шок! Зошто овие луѓе мораа да го доживеат тоа? Зошто некој проценил дека е добро да се живее во лага, без право на вистината за своето потекло? –истакна Јовановиќ.

На темава ,,Фокус” објави бројни стории во изминатите години, кога деца кои се потрага по биолошки родители, или пак родители кои се во потрага по свое дете кое го дале на посвојување, раскажуваа за мачниот пат кој го минувале, со цел да дојдат до одговори.

Освен правото да се знаат генетските болести во биолошката фамилија, потенцираа дека никому не смее да му биде ускратено правото да знае си ги знае своите браќа и сестри, па и останати блиски роднини.

Јовановиќ тогаш раскажа дека подготвуваат еден вид на датотека, во која ќе се вметнат податоците на сите кои бараат родители, но и на оние кои бараат деца, па да се обидат со нивно евентуално спојување.
Исто така, најави состаноци со посвоени деца, но и петиција со која ќе се бараат законски измени. Порача сите политички партии да ги поддржат при донесувањето на законските измени и кажа дека е решен да оди до крај, па и до Европскиот суд за човекови права.

Вики Клинчарова

Поврзани новости