Александар Василевски -Нинџа, осуден во случајот „27 април“, утринава требаше повторно да сведочи за случајот „Ровер“, односно за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев од 2001 година, за што еден од обвинетите е и екс министерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски.
Сепак Нинџа не стигна до Кривичниот суд, бидејќи неговиот спровод од затворот во Штип доцнеше поради сообраќајка, но иако судијата најави дека ќе стигне, одбраната го повлече барањето за негово сведочење, односно за давање на дополнителен исказ.
Нинџа во 2013 година сведочеше против обвинетите во „Ровер“, откако претходно 12 години молчеше за случајот. Тој во март беше осуден на 8 години затвор како обвинет за насилниот упад во Собранието. Доби помала казна од законскиот минимум, бидејќи соработуваше со Обвинителството и откри многу детали за случајот.
На наредното рочиште е предвидено да сведочи уште еден сведок, и потоа ќе следуваат завршни зборови.
Овој случај веќе седма година се влече низ судските лавиринти. Досега беа донесени две првостепени пресуди, но Апелациониот суд ги укина, по што во октомври 2015 година судењето почна по трет пат, но со низа одлагања на рочиштата.
Според првостепената пресуда, за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, од 2001 година, обвиентите Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ беше осуден на 15 години затвор, Бошкоски доби казна затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Обвинетите и одбраната очекуваат конечно овој случај да заврши со повлекување на обвинението, кое е потпишано од Лидија Раичевиќ или ослободителна пресуда, бидејќи според нив нема нити еден доказ кој укажува на нивна вина.
Валентина Вурмо