Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
На социјалните мрежи постојано се објавуваат слики од членовите на подземјето со актуелни и поранешни политичари, додека сомнежите за подлабока испреплетеност меѓу некои од нив ги зголемија и дел од објавените прислушувани разговори, во кои се говори за линкови меѓу подземјето и политиката.
Од една страна, овие фотографии не мора ништо да значат, бидејќи можеби се направени случајно од страна на добро расположени луѓе од различни света, кои во даден момент се нашле на исто место. Но, од друга страна, тие може да говорат за поблиски или подалечни релации.
Во претпоследниот број на неделникот „Фокус“, пишувавме за крвавите пресметки меѓу скопските семејни кланови и нарко-картели, по повод двојното убиство во „Шиша“ бар на Јетон Кривањева и Исен Исеинов, што, како што пишувавме, е продоложение на нерасветлените ликвидации во скопското подземје базирани на крвна одмазда и во рамки на борбата за позиционирање на црниот пазар.
Во најновиот број на неделникот „Фокус“, пак, ја продолжуваме оваа сторија, со акцент на наводите и индициите за спрегите меѓу политиката и подземјето, кои, меѓу другото, произлегуваат и од многу фотографии објавени на социјалните мрежи и медиумите.
Затоа, ја регистрираме содржината на овие фотографии, ги бележиме реакциите на лицата што се овековечени на нив и бараме одговори од политичарите кои досега не се произнеле за времето, местото но и поводот за ваквите „дружби“.
Обично, овие слики стануваат актуелни кога некој ќе биде ликвидиран. По двојното убиство кај „Шиша бар“, каде беше изрешетен еден од главните водачи на групата „Дуќанџик“ – Јетон Кривањева – Жила, веднаш се појави негова слика заедно со собранискиот спикер од редовите на ДУИ, Талат Џафери.
Спикерот Џафери не излезе со никаков коментар за сликата, а не одговори ниту на нашето прашање упатено до него. Но, сликата во медиумите ја искоментира неговиот сопартиец и прв вицепремиер, Артан Груби.
– Немам допирна точка, сакам институциите да истражат и делуваат. Со тој свет на дрога, дилерство, криминал немам допирна точка – рече Груби, кој за фотографијата меѓу Џафери и Жила кажа дека тоа е најобично фотографирање меѓу функционер и обичен граѓанин.
Своевремено, во јавноста доста актуелна беше една фотографија на која може да се види предводникот на групата „Дуќанџик“ Орхан Бајрами – Оки со претседателот на државата Стево Пендаровски, како и со припадник на сојузничкиот клан Грчец предводен од Шеваљ Муареми.
„Претседателот Пендаровски лично не се познава со лицата од посочената фотографија. Како што може да се види, претседателот не е седнат во друштво на посочените лица, туку е фотографиран стоејќи, на нивно барање“, реагираа од кабинетот на Пендаровски.
Исто така, Бајрами-Оки има слика и со градоначалникот на општина Чаир и актуелен пратеник Изет Меџити, кој е фротмент на „огнената група“ која бара реформи во ДУИ. На истата слика е и убиениот Кравињева-Жила, чие убиство, според Меџити, е работа на полицијата и обвинителството.
Исто така, Оки е овековечен на иста маса со уште еден предводник на „огнените“ – градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети. Сепак, Беџети не одговори на нашата порака како е настаната форографијата и какви се неговите релации со Оки?
Името Шеваљ се споменува и во прислушуван разговор кој се води помеѓу поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков и поранешната судијка, Софија Лаличиќ. Тие разговараат за приведено лице за обид за убиство, за кое, според нив, лобирал Зоран Милески – Кичеец, осуден во „Рекет“.
Притоа, Мијалков го споменува Шеваљ, велејќи дека најверојатно тој ургирал кај Блерим, а Лаличиќ пак кажува дека кај Беџети се поминува ако се искешираат пари.
Инаку, сојузот „Дуќанџик-Грчец“ е доминантен по убиството на Џелал Ајети-Џељо од соперничкиот клан „Беланоца“, а особено откако неколку години подоцна беше ликвидиран и неговиот брат Наим Ајети.
По убиството на Џељо, медиумите пишуваа тој позајмувал огромни суми на пари на многумина, дека во оптек имал пуштено дури и неколку милиони евра, а каматата и до 10 отсто течела секој ден.
Тогаш, на интернет почна да кружи фотографија од веселба на која присуствува Ајети, во друштво на бизнисменот Орце Камчев, кој пак држи микрофон во рака. Исто така, на оваа фотографија може да се види и синот наМијалков.
Цела година, двајца јавни обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал следеле две нарко групи и собирале докази против нив. Едната група била од населбата Гази Баба, а втората од селото Грчец.
По акцијата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека акцијата „Планина“ доживеа фијаско и дека нарко-босовите побегнаа.
– На социјалните мрежи и интернет портали изминативе два дена се појавија фотографии, на кои јасно може да се види дека токму Оливер Спасовски и високи функционери од власта седат на иста маса со нарко босовите кои сега им побегнаа. Заедно на иста маса насмеани министри, градоначалници и нарко-босови и криминалци – изјави тогаш Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тогаш, сопартијците на Христијан Мицкоски коментираа фотографија која покажува како на иста маса седат браќата Орхан и Енвер Демири со министерот за внатрешни работи Спасовски, како и со братот на поранешниот премиер Зоран Заев – Вице Заев. Со демант тогаш се јави Енвер Демири:
„Остро отфрлам било каква вмешаност на моето име и фотографии во врска со полициските акции во Скопје. Последните вести на кои е објавена мојата слика ја нарушуваат мојата репутација и секако дека ќе го следам законскиот пат за да покренам тужба против оние кои клеветат. Партијата која ги објавила овие материјали треба да се засрами и јавно да се извини“.
„Фокус“ го праша минитерот Спасовски како ги коментира обвинувањата на опозицијата дека седел на иста маса со Демири, кого опозицијата го поврзува со групата Грчец на Муареми?
„Најостро демантираме било каква поврзаност на раководни лица од МВР со лицата за кои прашувате. МВР постојано ја демонстрира својата посветеност за сузбивање на сите видови на криминал, што очигледно им пречи на одредени структури. За тоа говорат и податоците кои секојдневно ги објавуваме за приведени нарко дилери, разбојници и сл.“, велат од МВР.
Освен Спасовски, на заеднички фотографии со браќата Демири е и бизнисменот Заев, брат на поранешниот премиер Заев.
-Стара тема нова будала. Неколку пати сум одговарал и ќе одговорам уште колку треба се додека се обидува некој да го става моето име и семејството во негативен контекст. Подобро тие и нивното раководство нека внимаваат со кого седат и се сликаат, а и кој со кого бизнис тера – одговори Заев.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК