Државната комисија за спречување на корупција, Јавното обвинителство, но и други институции, постапуваат во однос на известувањата на Државното правобранителство во случајот „Трансмет“, кое, освен што бара нов кривичен прогон за бизнисменот Сеад Кочан, бидејќи, како што веќе објави Фокус, предложил претходно замрзнат имот како гаранција да се брани од слобода, бара одговорност и од надлежниот обвинител што постапувал во судскиот процес познат како „Труст“.
Според документацијата со која располагаме, правобранителството во допис до Антикорупциската комисија и други институции, меѓу другото, наведува дека обвинителот постапувал „невнимателно и непрофесионално“ во предметот против „Трансмет“ и „Силекс Неметали“, кој заврши со правосилна пресуда за наместен тендер за работа во РЕК Битола во 2011 година, поради кој Кочан одлежува 5-годишна затворска казна, а се наложи и конфискација на 17 милиони евра.
„Со оглед дека истрагата не ја води судот туку обвинителот, и имајќи во предвид дека судските совети се менуваат и решаваат по предлозите на обвинителството, единствен кој имал увид во целокупната документација бил надлежниот обвинител, кој морал да внимава на сите докази што се приложуваат“, наведуваат од ДП, посочувајќи дека како последица на, според нив, невнимателното и непрофесионално однесување на обвинителот, не може да се изврши конфискацијата.
ЗАМРЗНАТ ИМОТ КАКО ГАРАНЦИЈА
Поточно, правобранителството кон крајот на ланската 2021 година испратило допис до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, со кој иницира „итно преземање на мерки и активности“ со цел да биде утврдена нова кривична одговорност за веќе осудениот Кочан. Спорно е тоа што Кочан во мај 2017 година, како гаранција за да се брани од слобода, предложил недвижен имот кој претходно бил замрзнат.
Воедно, од оваа институцијата истакнале дека станува збор за имот кој првично бил во сопственост на субјектот опфатен со привремената мерка – „Трансмет“, меѓутоа преминал во сопственост на друга компанија на Кочан, односно на „ТВ Нова“. Впрочем, тоа се случило непосредно пред судот да го прифати второто барање на обвинителството за замрзнување на имотот. Првото барање било одбиено бидејќи обвинителството не го дополнило предлогот.
Во дописите до разни институции, од таму бараат да се провери и договорот за купопродажба меѓу „Трансмет“ и „ТВ Нова“, од аспект дали се уплатени средства од извршената купопродажба, дали е платен данок, во кој износ…? Во тој контекст, повторно го споменуваат и обвинителот, истакнувајќи дека „потребно е да се провери дали тој барал на овие средства да биде ставена времена мерка заради нивно обезбедување и дали побарал проширена конфискација и спрема трето лице“?
ПРЕДМЕТИ ВО ЈО И ДКСК
Во однос на тоа, од Јавното обвинителство ни одговорија дека, постапувајќи по известувањето на правобранителството, формирале предмет по кој постапува јавен обвинител. Притоа, додаваат од таму, предметниот обвинител „постапува согласно своите надлежности во однос на пријавените настани во насока на утврдување на вина од кривично правен аспект“.
„Како и во секој предмет, така и во овој случај во интерес на обвинителството е да докаже постоење на кривично дело и да ги гони сторителите на кривичните дела“, велат од ЈО, додавајќи дека во рамки на „Труст“ ги презеле сите мерки и активности во нивна надлежност, а тоа, како што нагласуваат, подразбира да ја лоцираат имотната корист, да ја предадат „за замрзнување“ и на крајот на судската постапка да побараат конфискација, по што надлежност имаат други институции.
Од ДКСК, пак, не известија дека во однос на иницијативата за одговорност и на надлежниот обвинител во случајот со Кочан, оформиле предмет по сопствена иницијатива и по дорен глас, за кој постапката се уште е во тек. Зависно од епилогот на постапката, посочуваат од таму, ќе одлучат дали ќе одат со иницијатива до Советот за јавни обвинители, од каде, пак, досега не добивме одговори на нашите прашања. Инаку, обвинението во случајот беше застапувано од Артан Ајро и Гаврил Бубевски.
Влатко Стојановски