Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалба на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје против една од обвинетите во случајот со лекувањето на девојчето Тамара Димовска од Велес. Поточно, неодамна судот донесе пресуда за условна казна затвор од една година за претседателката на управниот одбор на Фондот за здравство на која и се судеше во одвоена постапка. Сега обвинителството се жали и бара повисока казна.
– Постапувајќи по поднесениот обвинителен акт од Основното јавно обвинителство Скопје, а по барање на обвинетата, заради здравствени причини, Судот ја раздвои постапката против неа и донесе првостепена пресуда со која ја огласи за виновна и изрече алтернативна мерка – условна осуда со која утврди казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку обвинетата во рок од три години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, наведоа од ОЈО.
Од Обвинителството посочуваат дека во жалбата надлежниот јавен обвинител оценува дека првостепениот суд правилно ја оценил фактичката состојба кога нашол дека кај дејствијата на обвинетата се содржани елементите на кривичното дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Но, изречената кривична санкција, според Обвинителството, не е адекватна на стореното кривично дело и не води до остварување на целите на казнувањето, во смисла на специјална и генерална превенција на ваков вид кривични дела.
– Од тие причини, надлежниот јавен обвинител побара од Апелациониот суд Скопје да ја уважи жалбата и да ја преиначи пресудата во делот на одлуката за кривична санкција, па на обвинетата да и изрече построга санкција, посочија од ОЈО.
Во предметот за лекувањето на девојчето Тамара Димовска, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен предлог против вкупно 12 лица за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинителството постапуваше по предметот оформен по допрен глас, кон кого подоцна беше припоена и кривичната пријава поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права и законскиот застапник на оштетеното дете, сега починатата Тамара Димовска од Велес.