Бизнисменот Ардијан Амзоски, од фирмата „Дрим билдинг“, на денешното рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“ истакна дека бара отштета од 195.000 евра. Амзоски барањето го поднел и писмено, а денеска се произнесе и во судница.
-Сакам да се приклучам кон кривичното гонење во предметот и пријавувам побарување за штета од 195.000 евра, рече Амзоски.
Во овој случај обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13, Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ, Христина Блажевска, професорката Фросина Ременски и таткото на Боки, Миле Јовановски.
Според обвинението, бизнисмените Амзоски и Силјан Мицевски биле доведени во заблуда и измамени преку проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, Мицевски сума од околу 720 000, а Амзоски околу 233 000 евра.
На денешното рочиште се изведуваат материјални докази на обвинителството.