Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, чии фирми се опфатени со проверките во рамки на предистражната постапка за испитување на сомнежите за постоење на даночно затајување и перење пари, во изминативе години бил дел од медиумски стории и написи, но во неколку наврати бил споменуван и од страна на ВМРО-ДПМНЕ, додека партијата била во опозиција.
„КРИУМЧАРЕЊЕ ЛУКСУЗНИ СТОКИ“
Уште во текот на 2020 година, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција реагираше по одредени медиумски написи и сознанија, според кои во периодот додека, како што рече, граѓаните се справувале со пандемијата на коронавирусот, институциите водени од функционери на тогаш владејачката СДСМ „толерирале сомнителни работења и криумчарења луксузни стоки од страна на блиски соработници на семејството Заеви“.
–Јавноста не доби одговори за шверцот на брендирана роба од страна на блиски луѓе до семејството Заеви, и за тоа кој интервенирал и ургирал да се пушти запленетиот камион во населбата Шуто Оризари кој бил преполн со шверцувана и нецаринета роба. Според нашите информации, камионот кога бил сопрен превезувал роба за блискиот соработник на Вице Заев, Крмзов. Инаку, „Винас текстил“ немал документи за царина на дел од робата која што ја превезувал. Возачот немал исправни документи за брендираната роба и автоделовите, а лажел дека имал комплетна документација кога бил сопрен од надлежните лица од полицијата – рече Арсовски.
Како што посочи тогаш вмровскиот портпарол, информациите со кои располагале им откриле дека половина од раководството на Министерството за внатрешни работи се јавувало кај началниците на полициската станица Шуто Оризари и во Чаир, со цел, според него, да се интервенира камионот да биде пуштен без никаков прекршок.
„Исто така, според нашите информации, иако бил известен и повикан инспектор од секторот за економски криминал, тој истиот не отишол на увид во полициската станица кај што бил паркиран запленетиот камион, бидејќи му било наредено од раководни лица од министерството негови претпоставени да не излегува на увид и да го заташка целиот случај. Затоа истиот не излегол на увид. Ова е класичен пример за заташкување на шверц, за кој постои сомнеж дека е вмешано семејството Заеви. Дали секторот за внатрешна контрола ќе отвори случај за тоа кој интервенирал да се ослободи запленетиот камион? – праша тој.
МАЛВЕРЗАЦИИ СО ПОВРАТ НА ДДВ
Нешто подоцна во текот на истата 2020 година, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека 5 поврзани фирми за 4 месеци, по основ на поврат на ДДВ, испумпале од буџетот над 5 милиони евра. Притоа, преку другиот партиски портпарол, Наум Стоилковски, партијата праша дали сите овие фирми се поврзуваат со веќе споменатиот Крмзов, во чија сопственост е и фамозната „Вила Парк“ во Струмица, или, според него, омиленото место на Заеви?
–Се работи за добро разработена шема на извлекување на пари по однос на поврат на данок на додадена вредност кои што се бројат во милионски суми. Дали фирмите „Арена метал“, „Џокс премиум“, „Нетком плус“, „Сакаов транс“ и „Винас текстил“ (погоре спомената) имаат вкупен поврат на ДДВ за само 5 месеци во 2020 година од фантастични 320 милиони денари или 5 милиони и 215 лијади евра?
Дали во овие фирми вкупниот поврат на ДДВ ги надминува сите уплати во трезорот по сите основи? Дали во овие фирми повратот на ДДВ за 4 месеци е поголем од најголемите странски инвестиции во Македонија иако овие фирми не се извозни односно имаат нула извоз во 2020 година? Дали на пример вкупниот промет на фирмата „Сакаов транс“ за 2019 година е околу 850 илјади евра, а повратот на ДДВ за само 4 месеци е поголем од тоа и дали постои фирма во Македонија способна да има толкави залихи?
Дали кај овие фирми УЈП врши контроли и колку се тие контроли веродостојни? Дали царинската управа може да докаже дека роба во вредност од над 25 милиони евра за само 4 месеци е увезена во Македонија од страна на овие фирми и дали за истата е платена царина? И финално дали за сите овие фирми се поврзуваат со контроверзниот струмички бизнисмен Ристо Крмзов во чија сопственост е и фамозната „Вила Парк“ омиленото место на фамилијата Заеви за собирање рекет? – праша Стоилковски.
РАСТ ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА
Инаку, дел од споменатите компании беа опфатени со сторијата објавена во неделникот „Фокус“ на средината на 2021 година, кога пишувавме за компаниите што имале најголем раст во претходната 2020 година, која, патем речено, беше кризна година поради пандемијата како последица на ковид-кризата. Во такво време, кога најголем дел од компаниите имаа потешкотии во работењето и бележеа пад, фирми поврзани со Крмзов остваруваа рекорден раст.
(АРХИВА) Како бизнисменот Крмзов од „струмичката империја“ направи рекорден раст во кризна година?!
Имено, една од нив е „Крмзов-МР“, која во 2020 година остварила приходи од 3,445 милиони денари, што е цели 263 отсто повеќе од 2019 година, кога приходите изнесувале 950 милиони денари. Впрочем, ваквиот раст коинцидира со промената на дејноста на друштвото, кое од 2013 година се занимавало со градежништво сѐ до 2021 година, кога се преориентира кон трговија на текстил.
Во тој поглед, уште поексплицитен е примерот со друга компанија на Крмзов – „Агро Крмз“, чија дејност била одгледување на овошје од 2013 година, сѐ до почетокот на 2021 година, кога се трансформира во, исто така, текстилна компанија. Токму тогаш, нејзините приходи растат за дури 66.652 проценти, односно од 3,9 милиони денари скокнале на 2.603 милиони денари. Водно, оваа компанија уште тогаш имала доспеан долг по основ на ДДВ од 48 милиони денари.
Покрај нив, во сторијата беа опфатени уште 2 фирми, кои порано биле во сопственост на Крзмов. Таков е случајот со споменатата „Винас текстил“, која во периодот 2019/2020 приходите ги зголемила од 378 милиони денари на 2,328 милиони денари. Но, истовремено бележела и пад на добивката од 53 на 5 милиони денари, а паралелно имала долг по основ на ДДВ од 136 милиони денари.
Поточно, Крмзов бил сопственик и управител на оваа компанија до 2020 година, кога на негово место доаѓа Горанчо Трајков, исто како што се случува и во уште една струмичка текстилна компанија, спомената од ВМРО-ДПМНЕ. Се работи за „Арена Метал“, која, пак, во истиот период (2019/2020) ги зголемила приходите од 303 милиони денари на 1,509 милиони денари, а профитот, според годишните сметки, пораснал од 36 на 89 милиони денари. И таа имала долг по основ на ДДВ…
КАКВА Е СИТУАЦИЈАТА ДЕНЕС?
Според проверките што ги извршивме во Централниот регистар, Крзмов моментално се јавува како сопственик на „Крмзов-МР“, која, според анализата на „Фактор“, во ланската 2023 година остварила добивка од 9 милиони евра, што претставува убедливо најголема добивка на една градежна фирма во таа година. Колку за илустрација, тоа е околу една третина од вкупната добивка на градежните компании во таа година.
Сепак, моментално друштвото има долг кон Управата за јавни приходи по основ на данок на добивка од над 40 милиони денари, како и блокирана банкарска сметка. Исто така, долг кон УЈП има и втората компанија на Крмзов – „Агро Крмз“, која должи 5 милиони денари по основ на данок на добивка. За разлика од претходната, оваа компанија нема блокирана банкарска сметка.
Понатаму, Крмзов моментално е дел и од уште една команија спомената во пресовите на ВМРО-ДПМНЕ – „Џокс премиум“, која, колку за информација, во 2022 година остварила приходи од над милијарда денари, што било двојно повеќе во споредба со претходната 2021 година. Во текот на ланската 2023 година, друштвото бележи пад на приходите, со оглед дека тие изнесувале 200 милиони денари. Тоа не се јавува на листата на должници кон државата.
На крајот, официјалните податоци покажуваат дека струмичкиот бизнисмен денес се јавува како сопственик и на друштвото „Дзидзев компани“ со седиште во Куманово. Оваа компанија не бележи значајна деловна и финансиска активност, но евидентиран и е долг од 28 милиони денари по основ на ДДВ. Исто како и „Крмзов-МР“, и оваа фирма има блокирана банкарска сметка.
Што се однесува до компаниите каде порано Крмзов имал удел, меѓу нив е „Нетком“, која, исто така ја споменуваше ВМРО-ДПМНЕ како опозиција. И оваа фирма не бележи значајна активност и исто така има долг кон УЈП од 34 милиони денари по основ на ДДВ и 2,4 милиони денари по основ на данок на добивка. Воедно, тој бил дел од структурите на уште неколку фирми, од кои некои се активни со други газди, а други се ликвидирани или во фаза на ликвидација.
„ЕПСКИ КРИМИНАЛ“
–Ова е еден од предметите коишто слободно можам да кажам дека има основани сомненија дека станува збор за епски криминал, кој, за жал, повторно е на штета на буџетот на Македонија, односно на парите на народот. Првичните информации се дека станува збор за милионски суми коишто се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари – рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој посочи дека во интерес на целокупната постапка не би можел да навлегува во детали. На иста линија, и републичкиот обвинител Љупчо Коцевски рече дека се работи за предистрага и не може да се откриваат конкретни податоци. Меѓутоа, како што истакна, акцијата била успешна, се прибавиле материјални докази и компјутерски материјали, сослушани биле 3 лица пред, а за едно лице се предложени мерки за пратпазливост за одземање на патната исправа и за јавување во судот.
Влатко Стојановски