Пред 20 дена дојдоа социјалните служби, ми ја одзедоа 11-годишната ќерка која не е добра со здравјето, и ја однеле во згрижувачко семејство. Девојчето плаче и е во очајна состојба, ни се јави, сака да си дојде дома и ние не знаеме зошто ни се прави ова – реагира Б.Д. од Соколарци, кочанско.
Неговото јавно обраќање во кое бара одговори од институциите се објави вчера на регионалните телевизии, и таткото посочува дека тој е речиси неписмен, дома има сопруга која е болна, како и уште две деца, малолетни момчиња, но секогаш добро се грижел за нив и ги воспитувал најдобро што знаел.
Тврди дека психичките проблеми на девојчето започнале минатата година, бидејќи имале проблеми со наставничка во основното училиште кое го посетувала, па по еден немил настан, откако наставничката го турнала и влечела девојчето, тоа повеќе не сакало да посетува настава.
Сепак, и покрај проблемите со кои се соочила неговата ќерка, таткото вели дека семејството одговорно се грижи за неа, а тоа што службите ја однеле во згрижувачко семејство, им ја уништило фамилијата.
-Државата ми ја зеде ќерката на измама! Ја носевме на лекар, оти видовме дека не е добра, зборуваше нелогични работи. Матичната лекарка каде ја однесов ќерката на преглед пријавила до социјалните служби дека има некакво сомнение, дојдоа и ни ја одзедоа.
Таа не знае зошто е однесена од нас, плаче, а јас одам од врата на врата и ја барам назад. Во социјалното одев, ми кажаа дека чекаат некаков извештај од судот.
На директорката и кажав што се случува, дека социјални службеници ми дадоа да потпишам документ и го одведоа девојчето – вели тој.
Предметот наводно бил во ОЈО Кочани, откако матичниот лекар пријавил сомнително однесување и наоди, па Центарот за социјална работа го згрижил девојчето во згрижувачко семејство. Од ОЈО Кочани се чекало да се произнесе по пријавата, односно дали девојчето ќе биде вратено во своето семејство, известија регионалните кочански телевизии.
Сепак, како што истакнаа за ,,Фокус” од ОЈО Кочани, за случајот е надлежен ЈУМ Центар за социјална работа Кочани. Имено, по разговор со девојчето, матичната лекарка ги алармирала институциите дека постои сомнеж за негова можна злоупотреба.
Во институт за Судска медицина било утврдено дека нема траги од злоупотреба, и старателското право на родителите не е одземено од ОЈО, туку девојчето било моментално сместено во згрижувачко семејство, по одлука на Центар за социјална работа Кочани.
Зошто центарот проценил дека девојчето не треба да се врати кај својата фамилија, и зошто се наоѓа во згрижувачко семејство, дури и откако било утврдено дека нема траги на злоупотреба, односно дали и зошто е покрената постапка за одземање на старателството, ,,Фокус” се обиде да добие одговори од меѓуопштинскиот Центар за социјална работа Кочани.
Во телефонски разговор со директорката на центарот, Благица Ѓеорѓиева, таа побара нашите прашања во врска со случајот да ги доставиме по електронски пат, по што ќе дале официјален одговор.
До објавата на текстот не е пристигнат одговор, а истиот ќе го објавиме веднаш штом го добиеме од страна на центарот.
Вики Клинчарова