Владата во Словенија одлучи да да ја вклучи армијата во грижата и лекувањето на заразените, откако во последните 24 часа беа потврдени 3.666 нови случаи на зараза со коронавирус, а уште 19 лица починаа.
-Армијата ќе ги интегрира своите капацитети во здравствениот систем и ќе помогне во лекувањето и грижата за луѓето кои страдаат од Ковид-19, објави владата на Јанез Јанша, додавајќи дека четири воени медицински тимови ќе се приклучат кон јавното здравство.
Според Националниот институт за јавно здравје, уделот на позитивни тестови е поголем од претходниот ден и изнесува 39,8 отсто. Бројот на хоспитализирани и понатаму расте, а активни случаи во моментот има 41.534, соопшти Министерството за здравство.
Во болниците има 981 пациент, од кои 220 се на одделенијата за интензивна нега.
Состојбата со искористеноста на капацитетите е критична. Математичките проекции укажуваат дека четвртиот бран на епидемијата е на својот врв, а растот на хоспитализацијата продолжува.
Меѓу другото, мерките пропишуваат поширока употреба на потврдите за коронавирусот со приложување документи за идентификација, скратено работно време на локалите и забрани за ноќни клубови и дискотеки, почесто тестирање за коронавирус на учениците во основните и средните училишта и забрана за големи јавни собири.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) предупреди дека во Европската Унија продолжува да се влошува епидемиолошката состојба поради Ковид-19 и во десет земји е „многу загрижувачка“.
Од 27-те членки на Унијата, Белгија, Полска, Холандија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија и Словенија се земји во кои ситуацијата е многу загрижувачка, соопшти ЕЦДЦ. Хрватска и Словенија пројавиле најмногу новозаразени во однос на бројот на жители.
Со 472.800 заразени на ден оваа недела ширум светот, стапката на зараза расте четврта недела по ред.
За разлика од претходните недели, Европа повеќе не е единствената област каде што ситуацијата се влошува. Лош тренд покажуваат и областите на Латинска Америка и Карибите.
Фото: Ројтерс