Словенец се обидел да прегази со автомобил свои сонародници при сообраќаен конфликт на автопат во Хрватска.
Загрепската полиција поднесе кривична пријава против 39-годишниот Словенец осомничен за обид за убиство на 42-годишник и 35-годишник при сообраќаен конфликт на автопатот А4 кај патарините Света Хелена, пренесуваат српските медиуми.
Словенeцот бил приведен во полиција.
„Се претпоставува дека по вербален конфликт во сообраќајот, 39-годишен државјанин на Словенија со својот автомобил налетал на двајца словенечки државјани, 42-годишен и 35-годишен“ соопштија од Полициската управа во Загреб.
Според полицијата, незадоволството кулминирало со првичен вербален конфликт на наплатните пунктови, по што осомничениот со намера да убие двајца мажи на возраст од 42 и 35 години, налетал на нив со автомобил и ги повредил.
Лекарска помош им била укажана во Клиничката болница Дубрава, каде било констатирано дека 35-годишниот е тешко повреден, додека 42-годишниот се здобил со полесни повреди.
Исто така, во автомобилот на 39-годишниот осомничен, како сопатници имало 23-годишна жена и малолетно лице, на кои им била укажана лекарска помош во Клиничкиот болнички центар во Загреб, каде било констатирано дека се полесно повредени.