Претседателот на Словенија Борут Пахор денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија на покана од шефот на македонската држава Стево Пендаровски.
Предвидена е официјална церемонија на пречек со највисоки државни и воени почести од страна на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, на платото пред „Вила Водно“
Пендаровски и Пахор ќе имаат тет-а-тет средба, по што ќе одржат заедничка прес-конференција. Како што соопштија кабинетите на двајцата претседатели, Пахор во текот на денов ќе се сретне и со премиерот Зоран Заев и со претседателот на Собранието Талат Џафери, а ќе има и обраќање пред пратениците во законодавниот дом.
Напредокот на Северна Македонија на нејзиниот европски пат и почетокот на преговорите за членство во Европската унија, билатералните односи и мултилатералната соработка, ќе бидат главни теми на разговорите на најавените средби.
Предвидено е Пахор да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Словонечкиот претседателот утре ќе престојува во Охрид, каде што заедно со претседателот Пендаровски ќе присуствува на показна вежба на специјалните сили на Армијата на Република Северна Македонија во Кампот за обука на вода – Охрид. Претходно, двајцата претседатели ќе реализираат прошетка низ Охрид и разгледување на културни знаменитости.
За време на посетата, Борут Пахор ќе биде придружуван од министрите за економски развој и технологија Здравко Почивалшек и за одбрана Матеј Тонин.