Словенечкиот министер за здравство предупреди на четврти бран на Ковид-19

by fokus

Словенечкиот министер за здравство Јанез Поклокар предупреди на опасност од нов, четврти бран на епидемијата со ковид-19, како резултат на падот на стапката на вакцинација во земјата и ширење на варијантата Делта.

„Делта – сојот на вирусот претставува голема закана за мирно лето и нормална есен. Затоа, ние со сигурност се подготвуваме за четвртиот бран на епидемијата. Повеќе не е прашање дали ќе дојде, туку кога тоа ќе биде“, изјави Поклокар на прес-конференција.

Тој предупреди дека досега има премалку вакцинирани и дека во Европа се шири позаразна варијанта Делта.

Иако досега се откриени само дваесет случаи на заразени со т.н. индиски вид во Словенија, се проценува дека тој сој станува подоминантен во многу земји, а Поклокар предупредува на ситуацијата во Португалија, Велика Британија и делови од други европски земји.

Поклокар потврди дека вакцинацијата на населението е се уште недоволна, бидејќи податоците покажуваат дека досега само третина од вкупното население е заштитено со двете дози.

Тој најави дека словенечката влада законски ќе обезбеди инвестиции во здравствениот систем од 1,9 милијарди евра во следните десет години, со цел да се компензира недоволната инвестиција во персонал, опрема и дигитализација на тој систем.

Поврзани новости