Словенечката полиција денеска употреби солзавец и водени топови против демонстрантите на антивладиниот протест во Љубљана, во пресрет на самитот на лидерите на ЕУ.
Стотици демонстранти денеска излегоа на протестот заради острите владини мерки против корона вирусот, а ова е трет ваков инцидент во главниот град на Словенија во последниот месец, пишуваат американските медиуми.
Словенечката полиција постави контролни пунктови и го ограничи сообраќајот и движењето недалеку од Љубљана, каде што ќе се одржи самитот.
Според полициските извештаи, приведен е водачот на протестот, а запрени се околу 30 автобуси што ги носеле демонстрантите од другите градови во Љубљана.
Полициски хеликоптер прелетуваше над центарот на главниот град, додека полицијата истрела солзавец и употреби водени топови врз демонстрантите кои се движеа низ центарот на Љубљана.
Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Стоп за корона фашизмот“, барајќи еднакви права за вакцинираните и невакцинираните граѓани.