„Словачкиот премиер Фицо е опериран по втор пат“, изјави министерот за одбрана

by Fokus

„Словачкиот премиер Роберт Фицо беше опериран по втор пат по атентатот во средата, кога доби прострелни рани во стомакот и „е во стабилна состојба со навестувања за напредок, исто како што Словачка е стабилна“, рече денеска вицепремиерот и министер за одбрана – Роберт Калињак.

„Државата е стабилна, пациентот е стабилен денеска. Сите работи што треба да ги направиме како влада, можеме да ги направиме. А ние имаме свој премиер и тоа на сите ни е јасно“, изјави Калињак за новинарите во болницата каде што е Фицо.

Мирјам Лапуњикова, директорка на болницата „Рузвелт“ во тој град во централна Словачка, најблиската добро опремена болница до градот Хандлова каде 71-годишен Словак во средата испука пет истрели кон премиерот, изјави дека денешната операција траела два часа. Се отстранило некротичното ткиво, што е вообичаена процедура за вакви повреди.

„Премиерот останува на интензивна нега, а неговата состојба се уште е многу сериозна. Лекарите се среќаваат и советуваат секое утро и затоа денеска не можат да кажат дали ќе бидат потребни дополнителни операции“ – рече Лапуњикова.

Лекарскиот совет в понеделник ќе одлучи дали и кога ќе можат да го превезат премиерот во Братислава.

Вицепремиерот Калињак се заблагодари за сите понуди за лекување на Фицо во странство и истакна дека Владата има целосна доверба во лекарите во Банска Бистрица.

„Ќе бидат потребни уште неколку дена додека не биде јасно како ќе се развива здравјето на премиерот. Порасположен сум бидејќи гледам напредок. При денешната интервенција се покажа дека главната операција била успешна“ – рече Калињак.

Министерот за внатрешни работи, Матус Шутај Ешток денеска изјави дека во 40 случаи полицијата ги открила и ги гонела оние кои им се заканувале на политичарите по атентатот и со говор на омраза на социјалните мрежи и пофалби за атентаторот.

Поврзани новости