По повод Меѓународниот ден на слонот, денес во Националниот парк Бриони во Хрватска се одбележува 52-от роденден на слоницата Ланка.
Ланка стана позната во поранешна Југославија, бидејќи претседателот Јосип Броз Тито ја доби на подарок од индијската премиерка Индира Ганди во далечната 1974 година, кога беше донесена на Бриони како двегодишно слонче.
Во чест на Ланка, денес се одржуваат бројни активности во националниот парк, објавија хравтските медиуми. Пред дваесеттина години пак, за слоницата беше објавена и сликовницата ,,Сони и Ланка” со сликовити илустрации, како и интересна содржина за слоновите кои живеат на Бриони. Истата е објавена и на англиски јазик.
Во Македонија пак, пред два дена јавноста ја вознемири веста дека слоницата Дуња во скопската Зоолошка градина е евтанизирана, поради болест и старост.
Кога беше донесена во земјава пред шест години, од Скопје ЗОО, за неа кажаа дека има 49 години. Во објавата дека била евтанизирана поради старост и болест, по совет на белгиски стручен тим, беше наведено дека имала 60 години.
Во скопската зоолошка остана само слоницата Даела, за која кога беше донесена пред шест години, беше изјавено дека има 30 години. Околу тоа што ќе се случува со неа сега, откако остана сама, дополнително ќе се одлучувало заедно со европската група за слонови.
Вики Клинчарова