Слободарската партија на Штрахе се повлекува од Владата на Курц

by fokus

 По вчерашната најава на австрискиот канцелар Себастијан Курц дека на  претседател Александар Ван дер Белен ќе му предложи разрешување на министерот за внатрешни работи Херберт Кикл, Слободарската партија (ФПО), на која и припаѓа министерот, најави повлекување на сите свои членови од Владата.

Како што претходно беше најавено, ако Курц го смени Кикл, сите министри на ФПО ќе поднесат оставка, тоа вечерва го потврди партијата.

Имено, на седницата на партиското претседателство вчера попладне, беше донесена таква одлука.

Канцеларот Курц веќе објави дека членовите на Владата од ФПО ќе бидат заменети од страна на експерти или високи државни службеници, кои ќе ги водат тие ресори до предвремени избори.

ФПО изминатиов викенд остана без лидерот и потпретседателот, Хајнц Кристијан Штрахе и Јохан Гуденус, откако се појавија видео снимки од 2017 година на кои се гледа како на една наводна внука на руски милијардер наводно ѝ нудат државни зделки за финансиска поддршка на нивната партија.

Курц на тоа реагираше со одлука за предвремени избори, но до изборите со земјата ќе управува актуелната Влада.

Тој побара од коалицискиот партнер да го отстрани Кикл од функцијата министер за внатрешни работи, затоа што смета дека не може да води истрага во овој случај затоа што во времето кога се направени снимките бил генерален секретар на ФПО.

Претседателството на ФПО соопшти дека, ако канцеларот Курц го смени министерот Кикл, ќе мора да смета на оставка на сите членови на Владата кои се од ФПО.

Поврзани новости