Поранешната раководителка во Агенцијата за вработување и советничка во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Слободанка Алексовска, која моментално е дел од органите на партиската Унија на жени, е третото лице што учествува на средбата меѓу вмровскиот лидер Христијан Мицкоски и веќе осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески – Кичеец.
Како што велат за Фокус од ВМРО-ДПМНЕ, Алексовска ја организирала и договорила средбата меѓу Мицкоски и Милевски во партиското седиште, од која потекнуваат четирите вчерашни разговори, на кои се слуша како двајцата разговараат за предвремените локални избори во Охрид, кои лани се одржаа заедно со претседателските избори.
Откако си даде оставка од Агенцијата за вработување после промената на власта, Алексовска се вработи во Систина, каде беше раководител на Секторот на човечки ресурси, но, како што не информираа од таму, неодамна била разрешена од позицијата.
Исто така, во Систина извесен период работеше и Милески, кој вчера за А1 он изјави дека дека остварил неколку средби со Мицкоски, но негираше дека тој ги снимал и објавил разговорите.
Иако уште вчера се обративме до Алексовска со барање за коментар околу објавените материјали, сепак се уште не добивме никаков одговор.
Фокус неодамна пишуваше дека внатрешната ревизија спроведена во Агенцијата за вработување покажала дека Алексовска набавувала производи за свои лични потреби на сметка на Центарот за вработување – Скопје, каде извесен период беше раководител.
Поточно, ревизијата покажала дека Алексовска купувала машки чорапи, влажни марамчиња, козметика, аутан, спрејови, млеко за тело, смоки, цигари, мешан кашкавал и јајца од јапонска потполошка, напитоци од соја, гумени бонбони, свежа риба лосос и лаврак, сувомесни производи, овошје, фстаци и други јаткасти производи, со што биле злоупотребени над 9.000 евра.
В.С.