Сличности меѓу убиството во Приштина и во „Шиша бар“ – изрешетени со калашников, запалени автомобилите на убијците

by fokus

Бљерим Даци, македонски државјанин од Чаир синоќа беше изрешетан во Приштина, а неговото безживотно тело беше најдено во автомобил со македонски регистерски таблици. На околу еден километар од улицата каде што беше убиен беше најден запален автомобил со германски регистерски таблици.

Според се уште неофицијални информации Даци бил осомничен за убиството што се случи во „Шиша бар“, а вакви неофицијални информации објавија утрово и косовските медиуми.

Сепак официјална потврда за ова се уште нема, но има многу совпаѓања меѓу двете убиства.

Па така и Даци во Приштина беше изрешетан со калашников, но и главните водачи на криминалната група „Дуќанџик“ кои беа убиени во „Шиша бар“ на 6 март, Јетон Кривањева-Жила и Есен Исеинов-Љаци беа изрешетани со калашникови и тогаш беа испукани 40-тина куршуми во нив.

Веднаш по убиството на Даци беше пронајден запален автомобил кој се поврзува со осомничените за убиството, но и веднаш по двојното убиство беше најдено запалено „Ауди“ од кое беа останати само регистерските таблици коишто беа фалсификувани.

Бљерим Даци инаку во Косово употребувал лажни документи, па го сменил презимето во Бљерим Шабани.

Пред извесно време беше приведен скопјанец кој наводно се поврзуваше со двојното убиство во „Шиша бар“, нему прво му беше одреден краткотраен 48-часовен притвор, но потоа, од Обвинителството ни потврдија дека притворот му е продолжен на 30 дена.

Неофицијалните информации тогаш кажуваа дека тој бил купувачот на „Аудито“ кое беше најдено запалено по двојното убиство. Автомобилот неофицијално бил со потекло од Словенија, но бил увезен во Косово, Урошевац. Сторителите на убиството наводно го купиле од автоплац во Урошевац каде било оставено.

Даци инаку во Македонија во бил во куќен притвор за недозволено изработување, држење и тргување со оружје, потврдија од Кривичниот суд.

Куќниот притвор му бил одреден на 10.11.2022 година на барање на јавното обвинителство, но по жалба на ОЈО на 24-и истиот месец му бил преиначен во затворски притвор. Но, тој никогаш не бил спроведен во истражниот затвор Шутка, па по него била распишана потерница.

И покрај определната мерка притвор, судот на 29.11.2022 година од надлежното МВР е известена дека обвинетиот воопшто не се придржувал ни кон мерката куќен притвор по што е донесено решение за мерка притвор од пронаоѓање односно лишување од слобода како и издадена наредба за потерница и согласност за распишување меѓународна потерница, објаснуваат од Кривичниот суд.

Неофицијално, Даци бил припадник на криминалната група „Барон“, бил припадник на Исламистичката држава, а презимето го сменил по враќањето од Авганистан.

Од наделжните институции засега нема многу официјални информации, па она што се лиферува во јавноста е неофицијално и од информации објавени во косовските медиуми.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости