Првиот чартер лет со 180 германски туристи на авиокомпанијата „Фрибрд Ерлајнс“ денеска беа пречекани на скопскиот аеродром од страна на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, менаџментот на ТАВ и директорот на германскиот тур-оператор на RSD Reisen, Хорст Живковиц.
Со ова се одбележа почетокот на чартер-летовите кои ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром секој ден, почнувајќи од денеска до почетокот на јуни и потоа од октомври до средината на декември. Се очекува овие организирани летови да донесат 35.000 туристи во земјава.
„Она што е најзначајно да се каже е дека со заеднички напор на Владата, на тур-операторите, со заеднички напор и поддршка и на ТАВ Македонија и двата аеродроми Скопскиот и Охридскиот, успеваме да привлекуваме туристи кои доаѓаат надвор од главната летна и зимска сезона. Во периодот меѓу февруари и мај, и периодот меѓу октомври и декември, во Македонија само оваа година ќе дојдат 35.000 туристи“, рече Николоски.
Тој изрази очекување оваа бројка да расте во наредните години.