Сообраќајот на граничните премини за влез во Грција од утре во 06 часот ќе биде во прекин поради најава за 48-часовен штрајк на грчките царински службеници.
Цариниците препорачуваат сите оние кои во следните два дена планирале да патуваат во Грција, најдобро би било да го одложат патувањето.
Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи, како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор преку соопштение изразија поддршка за штрајкот.
Се очекува сообраќајот да биде во целосен прекин за автомобилите, товарните возила, како и за секаков вид пратки.
Постои и специјален протокол односно договор кој предвидува кои возила и лица ќе бидат пропуштени во случај на штрајк.
За товарните возила исклучок се пратките кои мора да бидат веднаш пренесени, а за автомобилите само доколку одат луѓе на итно лекување.
Дозволено ќе биде пеш да се помине границата.