Актуелната пратеничка и довчерашна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, вчера пред сопартијците во Тетово и официјално потврдила дека ќе биде кандидат за претседател на СДСМ, што следува десетина дена откако таа во изјава за „Фокус“ рече дека размислува да влезе во трка за наследник на Димитар Ковачевски.
Петровска за „Фокус“: Размислувам да се кандидирам за претседател на СДСМ!
–Размислувам да се кандидирам за претседател на СДСМ, но конечната одлука ќе ја донесам откако ќе биде започната постапката – ни изјави тогаш Петровска. Во меѓувреме, внатрепартиските избори беа закажани на 30-ти јуни, а вечерва на седница на Централниот комитет треба да бидат утврдени сите правила околу постапката.
Инаку, Петровска е меѓу првите аспиранти што јавно потврдија дека ќе се кандидира за партиски лидер. На последните парламентарни избори, таа беше носител на пратеничката листа на СДСМ во шестата изборна единица и стана дел од новиот парламентарен состав. Во изминатите 2,5 години, пак, беше министерка за одбрана.
Поточно, таа стапи на министерската функција на 17-ти јануари 2022 година. Еден месец подоцна започна војната во Украина, па земјава, како најнова членка на НАТО, требаше да заземе позиција кон новонастанатата геополитичка ситуација и пробивот на воени дејствија на еврпско тло. Па така, Петровска застана зад правото на Украина да го одбрани својот територијален интегритет и ја осуди руската агресија.
Потоа, следуваа 15 пакети помош во воена опрема за Украина, чија што вредност, како процент од БДП, ја вброи Македонија во првите 5 сојузнички земји-донатори. Овој чекор беше поздравен од Украина, додека нашиот стратешки партнер САД ја поддржа одбраната преку донации за модернизација. Па, ако до 2022 година американската поддршка изнесуваше околу 160 милиони долари, за само една година, во 2023, САД не поддржаа со дополнителни 137 милиони долари.
Истовремено, отстапуваќи ја опремата за која Генералштабот оцени дека не може да биде користена, Армијата се модернизираше со современа опрема. Во тек е процес на набавка на современа опрема и средства преку принципот на Договори Влада со Влада, при што приоритет во опремувањето има лесната пешадиска баталјонска група и другите декларирани единици согласно барањата од НАТО.
Во таа насока, досега се потпишани договори со САД, Франција, Турција, Чешка и Италија, за етапна набавка на опрема која треба следните години да продолжи. На пример, од САД веќе е пристигнат дел од набавката на лесните оклопни возила. Поточно, 32 возила се пристигнати и се во употреба во единиците, а комплетно првата фаза од испораката треба да заврши до 2027 година. Целата набавка на дополнителни лесни оклопни возила треба да се комплетира до 2032 година.
Пред неколку месеци беше потпишан и договор со италијанскиот производител на хеликоптери „Леонардо“ за набавка на вкупно 8 хеликоптери. Сите овие набавки се планирани во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 година и Планот за опремување и модернизација. Планирано е преку реализација на 20 главни проекти да се инвестираат околу 1 милијарда евра до 2032 година за набавка на нова опрема и средства за потребите на Армијата.
За време на мандатот на Петровска, постигнат е буџет за одбрана од 2,05 од БДП, со што државата ја исполни насоката од Самитот на НАТО во Велс од 2014 и Самитот во Вилниус во 2023 година за достигнување на ниво од минимум 2 проценти од БДП за трошоци во одбраната. Со овој чекор, влеговме во групата на 22 земји-членки на НАТО кои ја постигнаа оваа определба.
Исто така, во мандатот на Петровска се усвоија измените во Законот за служба, а во февруари годинава се донесе и Закон за вработените во Министерството. Во февруари оваа година со Независниот синдикат на одбраната и со консензус од другите синдикати беше потпишан новиот Колективен договор кој предвидува дополнителни бенефиции и за воениот персонал и за вработените во Министерството за одбрана.
Воедно, Петровска како министерка за одбрана оформи еден вид на Совет – Комитет МКД НАТО 2030, преку кој во процесот на креирање на политики и нивна имплементација се вклучи граѓанскиот сектор, академската заедница и бизнис-заедницата. Како резултат на работата на овој Комитет се изработи Законот за критична инфраструктура, кој треба да биде донесен од новото Собрание.
За време на министерувањето на Петровска, Министерството за одбрана може да се пофали со голема транспарентност. Три години по ред тоа го држи првото место со 100 процентна транспатентност според рангирањето на Центарот за граѓански комуникации, додека во 2023 година изби на првото место меѓу институциите во регионот според транспарентноста, интегритетот и ефикасноста во работењето.
Пред да стане министерка за одбрана, Петровоска беше дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, откако претходно беше шеф на кабинет на долгогодишниот шеф на полицијата во владите на СДСМ – Оливер Спасовски. Претходно, била дел и од собраниските служби, како и од Секретаријатот за европски прашања. Сега, влегува во трка за лидер на СДСМ, партија која досега ја воделе и Зоран Заев, Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска, Владо Бучковски.
–Во сериозни и предизвикувачки времиња како сега потребна е решителност и носење одлуки. Изминатите години сите одговорни задачи кои ми беа доверувани ги извршував одговорно и посветено и сум подготвена да го превземам товарот кој го носи потребата од реформа на СДСМ, единство и фокус на идеологијата. На СДСМ му треба силно, мотивирано и обединето членство, а на Македонија и треба силен СДСМ – вели Петровска.
Покрај неа, како што пишуваше неделникот „Фокус“, како можни претседателски кандидати на СДСМ се споменуваат и Стево Пендаровски, Оливер Спасовски, Венко Филипче, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Јован Деспотовски, Игор Ивановски, Гордан Георгиев, Никола Поповски…
Влатко Стојановски