Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска влезе во вербален дуел со претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славевски, при што го нарече „Талат Славески“, по што седницата беше прекината.
Кавгата настана на дискусијата по точката за планот за вработување за 2023 во ЈП „Водовод и канализација“.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ од говорницата ја прашуваа Арсовска како сега во планот за вработување за наредната година планира 120 вработувања, откако претходно самата велеше дека има превработеност?
-Немојте да лажате. Секаде каде стигнете јавно истакнувате невреди. Не сме на дебата тука, кога ќе бидеме ќе разговараме. Бега од дебата шпицниот градоначалник, се крие Христијан Мицкоски, имаше можност да се појави на пет дебати, но се крие, се плаши – рече Арсовска.
Славевски ја прекина со објаснување дека не смее да споменува имиња на лица кои не се присутни на седницата.
По ова, Арсовска од говорницата го нарече „господине Талат Славески“, по што тој ѝ го исклучи микрофонот.
Во меѓувреме, Славевски во два наврати ги толкуваше изјавите на Арсовска, кои се навредливи кон поранешните коалициони партнери од ВМРО-ДПМНЕ.
-Бидејќи и на минатата седница и сега се користи синтагмата „рачиња во медот“ јас лично проверив и утврдив дека се уште е сезона на собирање на медот. Проверив и утврдив дека поранешниот директор на Водовод Перински не е пчелар – рече Славевски.
Според него, не треба на тој начин, без докази да се квалификуваат луѓе дека се без интегритет.