Славески: Поддршката на Арсовска во Советот и се зголеми за 100 отсто, ја подржуваат вкупно двајца советници

by Fokus

Советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова вчера од говорница се изјасни дека повеќе не е дел од најголемата опозициска партија во Советот, туку ќе настапува како независен советник.

Таа е втора по ред која го напушти кормилото на „вмровците“, откако претходно Александар Трајановски од ГРОМ, кој влезе како коалиционен партнер во Советот на Град Скопје им даде црвен картон на ВМРО-ДПМНЕ.

По вчерашната седница на Советот, сега веќе екс советничката на опозиционерите единствено аплауз доби од актуелната градоначалничка Данела Арсовска.

„Фокус“ го контактираше и претседателот на Советот, Трајко Славески, кој во последниот период е во постојан конфликт со градоначалничката. Тој  даде краток коментар:

„Ние имаме претседател на Совет, а Арсовска откако вчера поддршката во Совет и се зголеми  за 100 отсто, сега има поддршка од вкупно двајца советници“, вели Славески.

Вчера  побаравме коментар и од најголемата опозициска партија во однос на напуштањето на советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Арсовска до сега во советот има поддршка од два советника, покрај Трајановски од ГРОМ, и од Ирена Попова. За моралните вредности на советниците немаме намера да дискутираме, тоа ќе треба да го објаснат на гласачите кои ги гласаа на листата Обнова на Македонија и кои со право очекуваат одговори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На последните локални избори ВМРО-ДПМНЕ доби 18 советници во Советот на Град Скопје, а сега нивниот број е намален на 16. Од друга страна, владејачката партија има 12 советници, ДУИ пет, додека пак Левица четири, а Алијанса два советника.

Ирена Мулачка

 

 

Поврзани новости