Под влијание на југозападно воздушно струење понатаму следува транспорт на прашина и песок од Сахара кон нашата територија, па така и атмосферата ќе биде малку позаматена, а времето релативно мачно и спарно. Сето ова ќе биде проследено и со умерен, повремено на некои места, засилен ветер од јужен и од југоисточен правец.
Што се однесува пак до облачноста, истата полека ќе се зголемува насекаде, а на запад ќе има услови и за слаби локални врнежи од дожд и тоа претежно попладнето и вечерта. Поголем влажен бран со повеќе врнежи повторно ќе продре кај нас веќе во текот на ноќта како и во четврток и најпрво ќе ги зафати западните предели. Локално не се исклучува можноста за развој на нестабилност проследена со поретка појава на грмежи.
Инаку периодот кој што е пред нас, барем отсега гледано, би бил период исполнет со повеќе нестабилно време и со врнежи што значи кај нас конечно пристигнаа оние есенски дождливи денови. Максималните дневни температури на воздухот ќе бидат над просекот за овој дел од годината и ќе се искачуваат во интервалот од 15 до 22 степени
БИОМЕТЕО: Поради многу променливите временски услови, но и многу високите температури за овој дел од годината биометеото ќе биде ЗНАЧИТЕЛНО НЕПОВОЛНО, па така особено кај метеопатите е зголемена можноста за појава на позначителни здравствени проблеми
Подготви: Славчо Попоски