Музичарот Марко Маринковиќ, познат во јавноста како Слаткар, ја објави новата песна насловена „Сибир“.
Станува збор за песна која за само еден ден веќе има околу 20.000 прегледи на Јутјуб, а во коментари слушателите му порачуваат дека направил хит во неговиот препознатив стил, кој долго ќе се слуша.
Инаку, музиката за „Сибир“ е заедничка на Слаткар и Лазар Цветковски, текстот е негов, а пак под аранжманот се потпишува Лазар.
-Ова срце болува И те сонува како Солун наш, Заборав, заборав, паѓате во заборав, Таму ви е местото, Срамота, срамота, „немој така, срамота“ Ми го е.а детството- пее тој во новата песна.
Слаткар се појави на сцената во 2005 година како член на ,,Единствена опција”, а го издаде својот прв албум „Слаткаристика будало” во 2009 година и стана еден од најпопуларните пејачи кај нас.
Има армија на фанови, и неговите настапи се едни од најпосетените, и покрај критиките дека се случува во песните да пцуе. Тој направи еден вид на хип-хоп револуција на музичката сцена во земјава, а пред неколку години во интервју за „Фокус“ изјави дека и покрај рекордите кои неговите песни ги уриваат на музичкиот канал Јутјуб, тој не се чувствува како ѕвезда, бидејќи кај нас, традиционално, политичарите се поголеми ѕвезди од музичарите.
-Веќе одамна политичарите се поголеми ѕвезди од нашите музичари, иако нашата публика плаќа за да нѐ види на концерт, а нивната публика е платена за да им дојде на митинг! Јас имам повеќе критички песни, т.е. мои ставови. Мојот начин на изразување е преку музиката, моето оружје се моите песни. Пример „Оф мори мајко“ е песна со директна критика, ама критика за сите македонски политичари. Кога фрлаш ѓубре, не е во ред половината што повеќе пцовисала да ја фрлиш во канта, а другата половина да не сакаш да ја фрлиш поради тоа што сѐ уште не почнала да смрди!-раскажуваше тој во интервјуто.
Вики Клинчарова