Марко Маринковиќ Слаткар за првпат ќе има свој настап во Дубаи, во популарниот хотел Армани кој се наоѓа во облакодерот Бурџ Халифа. Пред да започне настапот на познатиот рапер, публиката ќе ја загревал неговиот брат Стефан Маринковиќ, познат како Диџеј Че.
Настанот ќе се одржи на 23-ти февруари, а влезниците по цена од 1.600 денари веќе се пуштени во продажба на страницата карти.мк.
Како што е наведено во најавата, ова е прво гостување на Слаткар во Обединетите Арапски Емирати. Дубаи пак, кој е престолнина на луксузот, станува се попопуларна дестинација за регионалните музичари.
Изминатиот период во Дубаи настапија Харис Џиновиќ, Цеца Ражнатовиќ и велешанецот Мики Секуловски, Ацо Пејовиќ, Дејан Матиќ, Слаѓа Алегро, Вики Миљковиќ, Пеѓа Меденица и многу други.
Балканските забави најчесто се одржуваат во клубот Вице, но и во хотели, каде доаѓаат голем број на наши иселеници како и иселеници од поранешните Југословенски републики.
Хотелот Армани пак, каде ќе настапат Маринковиќ, важи за еден од најлуксузните и има 11 ката. Ноќевање во соба за двајца изнесува од 39.000 денари, па се до 140.000 денари.
Како што е истакнато на страницата на хотелот, сите соби биле дизјанирани од италијанскиот дизајнер Џорџо Армани. Во 2005 година тој тој го основа Armani Hotels and Resorts, а неговите луксузни хотели освен во Дубаи, ги има и во Милано и Италија.
Вики Клинчарова