Од 26-ти до 28-ми август во Македонска Каменица ќе се одржи манифестацијата Каменичко културно лето 2024 на која ќе настапат голем број на музичари.
Настанот кој се одржува на градскиот плоштад, е во организација на КИЦ Романса и Општина Македонска Каменица, од каде најавуваат богата програма и музика за сите вкусови.
Музичка ѕвезда на манифестацијата ќе биде српската пејачка Слаѓа Алегро, а ќе настапат и повеќе домашни музичари.
-Во рамки на првата фестивалска вечер на 26-ти август (понеделник), а во чест на најголемиот каменички празник Успение на Пресвета Богородица – Ден на рударите, Каменичко културно лето 2024 година ќе започне со програма која ќе ја одбележат настапите на повеќе културно-уметнички друштва од земјава и странство, и тоа КУД „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица и културно-уметнички друштва од Србија и Бугарија.
Веќе следниот ден на 27-ми август (вторник) публиката ќе ги види и чуе неверојатниот Наум Петрески, миленикот на младата генерација Огнен Здравковски и дамата која никого не остава рамнодушен и чија изведба на една од најубавите македонски песни „Заветна“ освои многу срца – Бојана Скендеровски.
Дел од втората вечер закажана на големиот православен празник Успение на Пресвета Богородица на 28-ми август (среда), пак, ќе бидат рок легендите Ареа, рнб двоецот ДНК и гостинката од Србија – Слаѓа Алегро, информираат организаторите на манифестацијата.
Вики Клинчарова