Уставниот суд нема донесено програма за работа, не воспоставил внатрешна ревизија, ниту сметководствена евиденција за набавка и издавање материјали, покажува слабости во вршењето на пописот на средства и обврски, а за дел од набавките на стоки и услуги не ги применува одредбите од Законот за јавни набавки.
Ова се заклучоците од конечниот ревизорскиот извештај што го објави денеска Државниот завод за ревизија.
-Изразивме мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики, наведува Државниот завод за ревизија во сублиматот од конечниот извештај.
Клучните препораки се Уставниот суд да донесе програми за работа и распоред, да врши целосен попис согласно прописите, да евидентира материјали и да набавува стоки и услуги со примена на Законот за јавни набавки.